ЛИ2017/АВМУ поведе прекршочни постапки против ТВ Нова, ТВ Алсат-М и ТВ 24 Вести

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) врз основа на извештаите од извршениот мониторинг над изборното медиумско известување поведе прекршочни постапки против ТВ Нова, ТВ Алсат-М и ТВ 24 Вести.

Како што информираат од АВМУ, прекршочните постапки се поведуваат поради надминување на лимитот за платено политичко рекламирање.

– Мониторингот врз ТВ Алсат-М покажа дека на 26 и на 28 септември на еден реален час емитувана програма, одвоено е повеќе од законски дозволеното време за политичките партии во Собранието на РМ што немаат пратеничка група. Со надзорот, пак, врз ТВ Нова, кој се однесува за  28 септември и 1 октомври се утврди дека на еден реален час емитувана програма емитувано е повеќе од дозволеното време за политичките партии во опозиција. Прекршочната постапка за ТВ 24 Вести е покрената поради непочитување на правилата за објавување резултати од испитување на јавно мислење во прилогот насловен „Седми ден кампања за Локалните избори“, емитуван на 1 октомври, соопшти АВМУ.

Извештаите од мониторингот на радиодифузерите можат да се видат на веб-страницата на Агенцијата www.avmu.mk.