КУПОТ ПО ВТОР ПАТ ЗА БИТОЛЧАНИ

Битолски Пелистер, го освои националниот куп и ќе ја петставува Македонија во квалификациите од Лигата на Европа.

Ова е накратко реченицата која кажува се во врска со финалето на националниот куп кое се играше во Струмица и во кое се сретнаа минатогодишниот освојувач, Шкендија од Тетово и Пелистер. По регуларните 90 минути и продолженијата од 2х15 минути резултатот беше 0-0, а потоа се прејде кон изведување пенали.

Во “пенал-рулетот” поуспешни и посреќни беа фудбалерите на Пелистер и победија со 4-3, што значеше дека по втор пат во историјата на клубот, драгоцениот пехар ќе презими во нивните витрини.

Инаку беше тоа интересен и возбудлив натпревар, во кој имаше доста дуели, брзи додавања и акции. Додуша не изобилуваше со премногу шанси, но би било неправедно да кажеме дека ги немаше и нив. Мала сенка на финалето фрли публиката која во еден момент од второто полувреме почна неспортски да скандира, поради што извонредниот судија Ставрев го прекина натпреварот десетина минути. Во понатамошниот тек средбата мина во убава атмосфера.