„Кучињата“ на Сергеј Андреевски на изложба во Германија

Серијата слики од циклусот „Кучиња“ на македонскиот уметник Сергеј Андреевски од викендов ќе бидат изложени во Нирнберг, Германија.

Сергеј е гостин на манифестацијата „ТАТ ОРТ“ (“Tat Ort” или “Crime scene” во буквален превод значи „Место на злосторството“) што традиционално се одржува во срцето на Франконија – Нирнберг на 48 уметнички точки.

Четириесет и осум поставки што ја отсликуваат моменталната ликовна сцена, ќе бидат отворени за љубителите на уметност во ателјеата на уметниците овој викенд, па посетителите ќе имаат можност да се сретнат и со уметниците.

Сликите од циклусот „Кучиња“ што претходно беа изложени во Москва овој пат ќе бидат поставени во галеријата на сликарката Герлинде Пистнер, колешка и долгогодишен соработник на Андреевски. Во рамките на манифестацијата, ќе биде одржана и модна ревија на престилки со којашто Пистнер, минатата година, премиерно се претстави во Слоештица, во рамките на јубилејната, 10-та манифестација „Славење на пирејот“.