Концерт на Омер Фарук Текбилек на отворањето на Скопско лето

Со концерт на еден од највлијателните турски музичари и композитори кој живее и работи во САД, Омер Фарук Текбилек, вечер во Македонската опера и балет ќе биде отворено 38. Скопско лето.

Во рамки на манифестацијата ќе се одржат 20 концерти, осум претстави, три промоции на книги и 10 филмски проекции во кафе-киното кое годинава ќе се одржува во амбиенталниот простор на Сули ан.

Ќе настапат над 100 уметници на отворените сцени низ градот, како што се плоштадите, Старата скопска чаршија, а културните настани се поддржани и од МОБ, МНТ, Драмски театар, КИЦ…

Пред настапот на Текбилек на улицата „Македонија“ светски реновираната американска уметница со потекло од БиХ, Едина Селесковиќ ќе ја постави инсталацијата „Мисли слобода“.

Вториот ден на Скопско лето ќе биде во знакот на словенечката култура и уметност со која ќе бидат одбележани Денот на државноста на Словенија и 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Словенија.

Програмата на годинашното Скопско лето ќе се одвива на 18 локации и простори во Скопје, како што се театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули ан, централното градско подрачје кои во летниот период се претвораат во летни сцени.