Концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Оли Мустонен

Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе одржи концерт со финскиот пијанист Оли Мустонен. Концертот е насловен „ББ“, а диригент е маестро Даниел Рајскин од Русија.

Мустонен за македонската публика ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Бела Барток, последното дело на еден од најпознатите унгарски композитори. На програмата се и познатата Увертира од операта „Вилијам Тел“ од Џоакино Росини, како и највлијателната симфонија на сите времиња, Петтата симфонија од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Следејќи ја традицијата на големите мајстори Рахмањинов и Енеску, освен како извонреден пијанист, Мустонен се смета и за врвен диригент и композитор, а за дел од неговите снимки е добитник на престижни награди.

Мустонен постојано настапува и со рецитални програми во сите светски музички метрополи.