Конференција за размена на искуства и Саем за вработување во Охрид

SAMSUNG

Конференција за размена на искуства и Саем за вработување од денеска се одржуваат во Охрид, во рамки на Проектот за прекугранично претприемништво што се реализира со поддршка на ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во обраќањето пред учесниците на собирот истакна дека Општина Охрид има прецизно утврдени цели за забрзан економски развој, во кој влегуваат проектите како овој со соседна Грција.

Во локалната самоуправа паралелно на овој проект се одвиваат и обуки на дел од администрацијата за подготовка на апликации за добивање средства од разни фондови и нивна имплементација, истакна тој, посочувајќи дека програмска определба на новата Локална самоуправа е изработка на Стратегија за развој на Охрид до 2023 година.

– Стратегијата треба прецизно да го дефинира патот за негов долгорочен одржлив развој и правилно позиционирање на нашиот град во мапата на европски и светски културни центри и градови на езера. Основна цел е унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и подобрување на економските услови преку континуирани стопански вложувања, афирмација на јавниот простор, користење паметни технологии, употреба на обновливи извори на енергија и рационално искористување на просторот и ресурсите, додаде градоначалникот Стојаноски.

Што се однесува на самиот проект чија реализација започна на 7 јуни а ќе се спроведува до 7-ми наредниот месец, очекувањата се дека ќе придонесе за зголемување на бројот правни и физички субјекти што ќе ги искористат поволностите што им се нудат, пред се преку употреба на платформата за бенчмаркинг во функција на континуирано подобрување на перформансите на деловните субјекти и зголемувањена нивните претприемнички капацитети.