Јованова-Грујовска: Ставовите на дел од вработените не се официјален став на Институтот за македонски јазик

Како прв човек на Институтот за македонски јазик, не можам да ги коментирам ставовите на моите ценети колеги, рече директорката на Институтот „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска во врска со различните ставови во Институтот за новиот закон за употреба на јазиците кој е во собраниска процедура.

За критиките и отворените писма на вработени во Институтот во однос на законот што се предлага, Јованова-Грујовска рече дека тоа се ставови на дел од вработените, а не официјален став на Институтот за македонски јазик.

Таа е задоволна од средбата што ја имале со премиерот Зоран Заев зашто ги ислушал нивните забелешки и очекува дека тие ќе бидат вклучени во законот. На таа средба, рече, договориле да добијат поголема поддршка за нивните активности (финансирање проекти и изданија) отколку што ја имале во минатите години, како и вработување подмладок во Институтот што го немаат 19 години.

– На средбата се договоривме во следниот период Владата да помогне во негувањето, проучувањето на македонскиот јазик… Излезе дека со премиерот ние, всушност, имаме многу слични гледишта и ставови, само прашање е начинот на презентирањето на овие гледишта, рече Јованова-Грујовска во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод Отворените денови на Институтот.

Според неа, поддршката на Владата за унапредување на статусот и грижата за македонскиот јазик не е компензација за нивната согласност со законот за јазиците.

– Ниеден закон не се компензира со друг закон, додаде директорката на Институтот „Крсте Мисирков“.