Јавен повик за решавање на политичката криза

Почитувани,

 

Земајќи предвид дека и после 130 дена од одржувањето на изборите, повеќе годишната криза не само што се уште трае и ја загрозува долгорочната иднина на Македонија, туку и се заканува целосно да ги блокира сите Државни институции на централно и локално ниво, заради што најдебелиот крај повторно го извлекуваат граѓаните и бизнисот, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го упатува следниот повик:

 

Татковината предолго се наоѓа во хаотична состојба, законодавната власт е заглавена во конститутивната фаза, извршната власт е со ограничени надлежности, локалната власт е речиси со истечен мандат, без решение за вакуумот кој ќе се создаде.

 

Паралелно, парламентарните партии се заглавени во своите ровови, безумно се обвинуваат за национални предавства и криминал, улиците секојдневно се блокираат од протестанти, регионално се будат старите зли духови на големо националните идеи, пријателите од меѓународната заедница ја заоструваат реториката барајќи од нас самите да изнајдеме брз излез од кризата, чувствувајќи дека Балканот се враќа во минатото.

 

Заради иднината на нашата заедничка Татковина, во името на Македонската Дијаспора ги повикувам сите релевантни политички фактори да ги напуштат своите тврди ставови и надминувајќи ги личните и партиските интереси врзани исклучиво за освојување на власта, да ги преземат следните чекори:

 

Прво, Албанските политички партии да се повлечат од Тиранската платформа и да покажат дека имаат разбирање за негативните последици од провокативните и радикални барања кои непотребно ги разгоруваат меѓуетничките односи.

 

Второ, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ јавно да се обврзат дека нема тајно да договорат механизми кои ќе го оневозможат Судот во чесна, транспарентна и праведна постапка да ги расчисти сите обвинувања за наводен криминал на функционери во извршната и локалната власт, без разлика на партиската или етничка припадност.

 

Трето, сите парламентарни партии да утврдат временски рок за спроведување на суштинските реформи, вклучително и реализирање на попис, како директна потврда дека Македонија останува на стратешкиот колосек за Евроатлански интеграции.

 

Конечно, на Македонија како никогаш претходно и е потребен сеопфатен општествен консензус дека сите заедно, без разлика на политичка, верска или етничка припадност, доследно ќе го браниме најсветото, Македонскиот национален идентитет и Уставно име, како наше универзално демократско право на самоопределување.

 

Доколку најодговорните партии ги прифатат сите овие принципи и се обврзат дека до крај ќе ги штитат и спроведуваат, тогаш воопшто нема да биде важно кој ќе биде власт или опозиција или кој каква функција ќе извршува. Народот целосно ќе застане зад принципите кои ќе значат излез од кризата и насочување кон обезбедување сигурна иднина за Татковината.