Изложба по повод годишнина од дипломатските односи меѓу Македонија и Бразил

Од денеска до 20 октомври во Центарот за дизајн „Јавна соба“ ќе биде отворена изложба на фотографии „Бразил низ фотографии – пред очите на македонската јавност“.

Таа е резултат на соработката помеѓу корисничките групи „Вики Образование“ од Бразил и „Споделено знаење“ од Македонија, по повод денот на воспоставување на дипломатските односи помеѓу Македонија и Бразил (14 октомври 1998).

На изложбата ќе бидат претставени 20 слики од природата и од историски и модерни градби во Бразил, кои во 2015 и 2016 година учествувале на фотографските натпревари „Вики ја сака земјата“ и „Вики ги сака спомениците“. Истовремено, во Бразил ќе се одржува изложба на фотографии од Македонија.

Изложбата свечено ќе биде отворена вечер во 20 часот, а ќе се одржи и воведно излагање за работата на Википедија на македонски јазик и соработката помеѓу Викимедија Македонија и Викимедија Бразил.

Најавено е и осврт за дипломатските односи меѓу Македонија и Бразил од претставник на МНР, како и претставување на брошурата „Геополитичка анализа за основите за соработка и развој на односите помеѓу Македонија и Бразил“ од Марио Шаревски, проектен раководител на  „Споделено знаење – Викимедија Македонија“.