Иницијатива на ДПМ за преиспитување на лектирата за основно и средно образование

Друштвото на писателите на Македонија соопшти дека на претстојното редовно годишно собрание, закажано за 22 јуни, ќе покрене иницијатива за преиспитување на содржините на лектирата за основно и за средно образование.

– ДПМ оценува дека содржините на лектирата што им се нуди на учениците во голем дел е застоена и не кореспондира со вистинските вредности во делот на класичната литература, но и со новите трендови во домашната и светската книжевност. ДПМ ќе побара од министерствата за култура и за образование и наука да ги употребат своите механизми, со учество на независни експерти од областа на книжевната наука и образованието, за прочистување на лектирата според естетските параметри и реалните очекувања од современиот образовен систем, како и ослободување на изборот на авторите и делата од  какви било идеолошки и други нелитерарни мотиви, соопшти ДПМ.

Писателската асоцијација наведува дека е подготвена да учествува во сите фази од реализирање на иницијативата и очекува таа да придонесе за афирмација и доближување на вистинските вредности на литературата до младите читатели.