ИАРМ го одбележа Меѓународниот ден на акредитација

Со врачување на 42 сертификати за акредитација и реакредитација на тела од различни области за периодот јуни 2016 – мај 2017 година, Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) го одбележа 9 Јуни, Меѓународниот ден на акредитација, што годинава глобално се одбележува под мотото „Акредитација – обезбедување на доверба во градежништвото и изградената животна средина“.

Директорот на ИАРМ Трпе Ристоски нагласи дека годинава се фокусирани токму на делот на градежништвото.

– Изминатава година првпат Институтот акредитираше две сертификациски тела кои издаваат сертификат  за градежни производи. Претходно во Македонија сите производители на градежни матeријали мораа во странство да ги праќаат нивните производи со цел да бидат сертифицирани, а сега е овозможено и нашите акредитирани тела да работат на тоа поле, рече Ристоски.

За животната средина прецизира дека е целосно опфатена под делот на ингеренциите што се на Институтот за акредитација, пред се лаборатории за тестирање.

– Институтот има десетина инспекциски тела од делот на животна средина и нивниот број постојано се зголемува, потенцира Ристоски.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека токму акредитацијата е еден од чинителите на секоја национална инфраструктура за квалитет, која, како што рече, по својата суштина е алатка за јакнење на економијата.

– На прагот на 15-тата година од успешното работење на нашето национално тело за акредитација, можам да констатирам дека оваа алатка нашето економско општество ја ползува во сите нејзини појавни аспекти, како алатка на регулаторот, како „пасош“ за слободен и непречен пристап до светските пазари и како сервис кој им испорачува на потрошувачите доверба во квалитетот, сигурноста и безбедноста на она што како производ или услуга се нуди на пазарот, рече Бектеши.

Нагласи дека сме сведоци на континуирани стапки на раст на градежништвото во Македонија  и зголемена понуда на пазарот на недвижности, а токму акредитацијата, посочи, ќе помогне да се подобри квалитетот на градбите.

– Иако акредитирањето е на доброволна основа се покажа дека е посакувано и потребно за здрава и конкурентна економија кон која стремиме. Процесот на јакнење на македонското стопанство и зголемувањето на конкурентноста на нашите производи, како и подобрувањето на нивното технолошко ниво е обезбеден благодарение на меѓународните договори за подеднакво признавање на резултатите од акредитираните тела, чиј потписник е ИАРМ. Тие ги олеснуваат условите за едноставен проток на стоки, услуги и лица и ја поддржуваат светската економија и слободната трговија, непреченото движење на стоки и услуги, а посебно значење има фактот што македонските компании имаат еднаков третман со нивните конкуренти од европскиот и светскиот пазар, што претставува придобивка од национален интерес, потенцира Бектеши.

Сертификати за акредитација и оцена на сообразност денеска добија лаборатории за тестирање, лаборатории за калибрација, медицински лаборатории и инспекциски сертификациски тела.

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден, Институтот го промовира  Извештајот за работата на ИАРМ за 2016 година и брошура на тематика на годинашното глобално мото под кое се одбележува 9 јуни