Хан: Загрозена препораката ако се повторат насилствата

Еврокомесарот за преговори за проиширување Јоханес Хан оценува дека насилствата во македонскиот Парламент нема да имаат последици по можноста на земјата за почеток на преговори со ЕУ, само доколку не се повторат.

– Не го очекував тоа, но за жал работите некогаш може да тргнат на полошо. Но доколку се создава впечаток дека земјата автоматски ќе биде исфрлена од процесот на придружување, одговорот е не. Во Парламентот беа нападнати оние кои се залагаат за европскиот процес би било речиси неправедно ако сега кажеме дека е завршена европската перспектива. Напротив, се надевам дека овие случувања ќе бидат аларм за будење. Доколку се повторат тогаш ќе биде загрозена европската перспектива, вели Хан во интервју за австрискиот весник „Стандард“.

На прашањето дали се можни санкции против Македонија со оглед дека земјата има кандидатски статус и се уште не ги почнала преговорите за пристапување, еврокомесарот Хан со став дека пристапните преговори нема да почнат доколку и натаму се попречува демократскиот процес.

– Со години постои јасна препорака од Комисијата дека треба да започнат преговорите со земјата. Но тоа не се случи поради ветото од една, две земји членки на ЕУ, Грција и Бугарија. Македонија пред десет години беше земја за пример во регионот, но во меѓувреме се лизна. Веќе две и пол години вложуваме многу напори земјата да ја вратиме на европскиот пат. Тоа се постигна со изборите, но не и со формирањето на влада која е блокирана бидејќи парламентарното мнозинство не е признаено од партијата која е повеќе години на власт. Но демократијата значи промена. Доколку демократскиот процес и понатаму се попречува не ќе можеме да ја одржиме нашата препорака за отпочнување на пристапните преговори, вели Хан во интервјуто за австрискиот весник