Google го внесува Android оперативниот систем во автомобилската индустрија со тоа што ќе овозможи истиот да се инсталира во автомобилите, па корисниците нема да ги користат своите паметни телефони при возењето. За таа цел, компанијата склучи договор за партнерство со Audi и Volvo што значи дека овој новитет ќе заживее во следната генерација на автомобили и ќе биде сериозен исчекор пред останатите.

Секој возач ќе може директно преку својот автомобил да ги намести опциите кои му одговараат, а при тоа и да ги контролира. Станува збор за контролирање на клима уредот во автомобилот, движечкиот кров доколку го има, прозорците, вратите, навигацијата, радио, како и сурфање на Интернет.

При тоа, ќе можат да се издаваад и гласовни наредби благодарение на Google Assistant. Инаку, овој нов модел не е поврзан со Android Auto кој беше претставен во 2014 година и веќе го има во околу 300 модели на автомобили.

google-android-embedded-audi-car-4

Причините за одвојување од паметните телефони се гледаат во намерата на Google да биде повеќе позиционирана на пазарот на IoT уреди (Internet of Things) бидејќи истиот допрва ќе го доживее вистинскиот сјај. Според прогнозите на компанијата Cisco, IoT уредите кои се врзани со автомобили ќе остваруваат 29% од пазарот до 2021 година. Конкретно, станува збор за 3,3 милијарда поврзани уреди.

Со тоа, приходите ќе бидат енормни, ќе изнесуваат и до стотици милиони долари, па можеби и до милијарда. Нормално дека на компаниите ќе им биде приоритет да имаат поголем удел, посебно компанија како што е Google.

Ова не е првпат компанијата да склучува договор со магнати од автомобилската индустрија. Соработката е веќе константна три години, со тоа што Google веќе соработуваше на Android Auto со компании како Audi, Honda, GM и Hyundai, а овде помогна и Nvidia. Вкупно постојат околу 40 остварени партнерства.