Со наслов „ББ“ претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија ќе се одржи на 5 мај (петок) во Дом на АРМ, во 20 часот. Како солист ќе настапи врвниот фински пијанист Оли Мустонен, кој има уникатно место на денешната музичка сцена.

Следејќи ја традицијата на големите мајстори Рахмањинов и Енеску, освен како извонреден пијанист, Оли Мустонен се смета и за врвен диригент и композитор, а за дел од неговите снимки е добитник на престижни награди.

Мустонен за македонската публика ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Бела Барток, последното дело на еден од најпознатите унгарски композитори, напишан во неокласичен стил, кој го посветил на сопругата, унгарската пијанистка Дита Барток.

Диригент на концертот е маестро Даниел Рајскин од Русија, а на програмата се и познатата Увертира од операта „Вилијам Тел“ од Џоакино Росини, како и највлијателната симфонија на сите времиња, Петтата симфонија од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Увертирата од операта „Вилијам Тел“ на италијанскиот композитор Џоакино Росини е најчесто изведуваната увертира во репертоарот на симфониските оркестри. Всушност, увертирата е и најпознатиот сегмент од целокупната опера. Ликот на Вилијам Тел, бестрашниот борец за слобода и независност на својата татковина, соодветствувал на револуционерното расположение на тоа време, така што премиерата (Италија, 1836) се претворила во вистинска политичка демонстрација. „Вилијам Тел“ се смета за прва западноевропска патриотска опера.

Лудвиг ван Бетовен

Без сомнение, Петтата симфонија од германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен е најпознатата симфонија на сите времиња. Создадена во тежок период од неговиот живот, композиторот ја нарекол „Судбинска“. Всушност, за некои биографи (Шиндлер) првиот мотив којшто е и најпознатиот и најцитиран мотив во класичната музика (сол-сол-сол-ми) асоцира на тоа кога судбината тропа на врата. Иако не е докажано дека таа била намерата на Бетовен. Наместо тоа, интенцијата била да создаде една извонредна, грчовита мелодија која се развива со прекрасна драматика до самиот крај. Ова е моќна симфонија со длабока филозофска содржина, симфонија која може да слика агонија, да ја црта тенката линија меѓу животот и смртта, но и да зрачи со силна волја за живот, за нов здив.

Финскиот пијанист Оли Мустонен (1967) е роден во Хелсинки и пијано и чембало почнал да изучува на петгодишна возраст. Пијано студирал во класата на Еро Хеинонен, додека композиција кај познатиот Еинојухани Раутавара. На неговата сè поинтензивна пијанистичка кариера придонеле брилијантната техника и мошне оригиналната интерпретација на делата што ги изведува.

Оли Мустонен

Како концертен солист, Мустонен соработува со речиси сите водечки оркестри во светот, меѓу кои и со Берлинската филхармонија, Минхенската филхармонија, Чикаго симфонискиот оркестар, Кливленд оркестарот, Њујоршката филхармонија и Кралскиот Концертгебау…, со врвни диригенти како што се Ашкенази, Баренбоим, Булез, Дутоа, Мазур, Нагано, Салонен…

Неговите неодамнешни концерти вклучуваат изведба на комплетни пијано-концерти од унгарскиот композитор Бела Барток, заедно со симфониските оркестри на Би-би-си Лондон, Би-би-си Шкотска и Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, како и со Оркестарот на Париз под водство на маестро Пааво Јарви. По неговиот настап со Унгарската филхармонија и маестро Золтан Кочиш, Мустонен беше поканет да настапи како солист на Гала-концертот на свеченото затворање на Зимскиот интернационален фестивал на уметностите во Сочи, заедно со Камерниот оркестар „Московски солисти“ и маестро Јури Башмет.

Постојано настапува и со рецитални програми во сите светски музички метрополи, а често се појавува и како диригент. Основач е на Хелсиншкиот фестивалски оркестар и е шеф-диригент на оркестарот „Тапиола Синфониета“ од Хелсинки. Во неговиот дискографски опус се истакнуваат низа интересни плочи, а за некои од нив е добитник на наградите „Едисон“ и „Грамофон“.

Даниел Рајскин

Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња како што се Милан Хорват, Марис Јансонс или Нееме Јарви.

На 20 години ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за многу бргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува кај изведувачите.

Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 на Филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, на Берлин итн.

Познати се неговите ангажмани и како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња какви што се Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот.