Фудбалскиот судија од Гана, Џозеф Лампеј е доживотно суспендиран откако ФИФА го потврди неговото учество во „кроењето“ на резултатот на натпреварот меѓу Јужна Африка и Сенегал во квалификациите за Светското првенство, кој заврши со победа на домаќините со 2:1.

Причината поради која ФИФА ја изрече оваа казна е погрешно досудениот пенал за домаќините при резултат 0:0. Имено, иако топката го погоди во нога гостинскиот одбранбен играч Калиду Кулибали, сепак судијата Лампеј покажал игра со рака по што досудил и најстрога казна на Јужна Африка.

Тоа беше водечкиот гол за домаќините кои подоцна славеа победа со 2:1, а пеналот се покажа како решавачки момент за исходот на мечот.

ФИФА издаде и соопштение во врска со овој случај.

– Судијата Лампеј го прекрши членот 69 став 1 од нашиот дисциплински правилник, по кој службено лице на ниеден начин не смее да влијае на конечниот резултат на натпреварот. Затоа решивме доживотно да го отстраниме од било какви обврски во фудбалската игра. Одлуката се уште е необврзувачка, а сите останати информации за натпреварот ќе бидат достапни по правосилноста на одлуката.

За судијата Лампеј ова не е прва казна. Африканската фудбалска конфедерација веќе го имаше суспендирано на пола година, поради признавање на непостоечки гол во полуфиналето од африканската Лига на шампиони во 2010 година.

Во ФИФА дури и ја разгледуваат можноста натпреварот меѓу Јужна Африка и Сенегал да биде преигран.