Дополнителна субвенција за решавање на проблемот со праските

Дополнителна субвенција од шест денари за килограм праски што ќе бидат откупени од преработувачките капацитети меѓу 12 и 30 јуни, е мерката со која Министрството за земјоделство, шумарство и водостопанство им излезе во пресрет на овоштарите.

Според министерот Љупчо Николовски, опфатени ќе бидат над 500 производители, односно ќе бидат откупени околу 400 тони праски кои едвај би достигнале пет денари по килограм.

Како што изјави Николовски, новата мерка следува по анализата на производството и согледувањето на состојбата на терен.

– Од разговорите со производителите и од анализите кои ги направивме може да се забележи дека сегашниот род на праските е со многу лош квалитет поради неажурноста на институциите пред се на неспособноста на водостопанското претпријатие навреме да го отстрани дефектот во тој регион и да обезбеди доволно вода за наводнување, истакна Николовски.

Реакцијата на МЗШВ следуваше веднаш откако вчера околу 50 овоштари со 10 трактори го блокираа патот Росоман – Прилеп кај пазарот во Росоман, изразувајќи револт поради слабиот пласман на праските и немањето пласман.

Земјоделците најавија радикализирање на протестот ако проблемот не се реши, а размислуваат, рекоа, и за исфрлање праски пред Владата. Се заканија дека ќе ги исечат прасковите дрвца од што штета ќе има и државата и воедно укажаа на непотврдени информации за наводен увоз на праски од Албанија и Грција.

– Цената на праските е рекордно ниска, само гајбата чини 25 денари. мора да се бараат алтернативни пазари и интервентно да се реши кризата зашто во прашање е доведен опстанокот на општината, изјави градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов.

Како што истакна, пак, претседателот на Здружение на овоштари „Росоманска долина” Игор Милошевиќ, критериумите за извоз на рускиот пазар се изострени поради што, извоз речиси нема.