Џафери: Успехот во работата на Собранието зависи од сите 120 пратеници

Демократијата и парламентаризмот во Македонија е далеку од принципите и стандардите што денес се нормални во Европа и кои реално ги уживаат европските граѓани. Еден од основните проблеми на нашиот парламентаризам и воопшто функционирањето на Собранието е односот помеѓу парламентарното мнозинство и опозицијата, смета претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Тој денеска во својот говор на отворањето на конференцијата „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ во организација на Граѓанската асоцијација МОСТ, истакна дека мнозинството на Парламентот секогаш на опозицијата гледало како на политички противник кој треба да се победи, а на моменти и политички да се елиминира.

Притоа, според Џафери, се заборава дека токму опозицијата е таа која дава целосен легитимитет на секој Парламент и без неа не може да се зборува за вистински парламентаризам и демократија. Опозицијата, рече Џафери кој има долгогодишно пратеничко искуство, треба да има активна улога во сите процеси што се одвиваат во Парламентот. Токму во тој дел Џафери ја гледа најголемата слабост во досегашното пркатикување на парламентарната демократија кај нас.

Од друга страна, додаде тој, опозицијата треба да биде свесна дека мнозинството треба да ја спроведе и реализира зацртаната програма бидејќи врз основа на неа народот му ја дал довербата.

– Ние според Уставот, деловникот за работа на Собранието, како и Законот за Собрание нормативно добро сме ги уредиле работите, но ни недостасува политичка волја, па ако сакате и политичка култура тоа да го спроведуваме, рече Џафери.

Вети, како што кажа во ова негово прво обраќање до јавноста, дека тргнувајќи од уставните и деловничките надлежности ќе работи токму на овие прашања и предизвици, но предупреди дека успехот зависи од сите 120 пратеници во Собранието.

Ги осуди неодамнешните настани во Паралментот на денот кога тој беше избран за претседател на Собранието од страна на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците и кажа дека како пратеник, а најмногу како граѓанин, не може да прифати или поддржи какво било насилство. Ги повика институциите должни да го истражат насилството оние кои го прекршиле законот да бидат изнесени пред судовите кои се единствено меродавни да прогласат некого за виновен или да го ослободат од вина.

Според Џафери, враќањето во една нормална општествена состојба, по неколугодишната криза во земјата, подразбира почитување на принципите на парламентарната демократија, владеењето на правото и почитување на човековите права и слободи и нема да се случи преку ноќ.

– Она што во моментов барем јас го чувствувам како многу позитивно е фактот дека парламентарното мнозинство и опозицијата транспарентно покажува дека тоа е наша заедничка обврска која ќе не доведе до саканата цел, а тоа се евроатлантските интеграции, рече Џафери кој смета дека во овој дел треба да биде и улогата на невладиниот сектор во земјата.

Конференцијата е во организација на Граѓанската асоцијација  МОСТ и е во рамките на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ чија цел е подобрување на работата на Парламентот со учество на граѓаните во дебати за улогата на законодавниот дом и изборните реформи.

Учесници на конференцијата се претставници на меѓународната заедница, актуелни и поранешни пратеници со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери, професори од универзитетите во земјава и на невладиниот сектор.

Дарко Алексов, извршен директор на Граѓанската асоцијација МОСТ изрази жалење што на оваа средба не присуствуваат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои, како што кажа, биле поканети но не одговориле на поканата.

Универзитетскта професорка Беса Арифи рече дека кога се зборува за одговорно и транспарентно собрание има три аспекти.

– Првата поента би била одговорност за секој напад сторен врз Собранието и тоа треба да се оквалификува како вистинско кривично дело и да се нарекува со вистинското име. Тоа не го видовме во овие последни настани што се случија во нашето Собрание. Парламентот мора да ја гарантира правната сигурност на граѓаните. Тоа не се прави со носење на закони само по скратена постапка. Имаме ситуации кога 40 закони се донесени во ист ден. Граѓаните не знаат што е точно дозволено, а што е забрането во државата и едноставно не можат да ги следат сите измени. Третата поента, која што исто така е важна, е вклучување на граѓаните во носење на законите бидејќи треба да има повеќе јавни дебати и во самото Собрание, а експертската јавност да биде повеќе вклучена не само формално, туку и реално, рече Арифи.

Крис Хеншоу директор на Националнот деморкатски институт Македонија истакна дека Собранието им припаѓа на граѓаните и тоа мора да врши контрола врз работата на владата. Парламентот треба да поттикне нова кампања за да ја поврати довербата на граѓаните и да покаже што значи Собрание.