Девет романи од Божин Павловски објавени на англиски јазик во Австралија

Девет романи од академик Божин Павловски, се објавени на англиски јазик во Мелбурн, Австралија.

Во колекцијата застапени се делата: „Градинар, пустина” (Gardener, Desert), „Рогот на љубовта” (The Horn of Love), „Светлечкиот поток” (Shadow in the Name), „Зима во лето” (Winter in Summer), „Мирисите на доилката” (Borders), „Египетска сонувалка” (Dreaming on the Road), „Патување со љубената” (Journey with my Beloved), „Подвижни гробови” (Eagle Coat of Arms) и „Вест Ауст” (West Aust).

Делата на Павловски од македонски на англиски јазик ги преведоа Џејмс Томев, Елена Чаварела, Билјана Џон, Мајкл Серафимов и Весна Николова. Главен уредник на изданијата е Бредли Досон, познат и признат експерт за англискиот јазик. Издавач на книгите е „АЕА publishers“, а пласманот на книгите што се продаваат и во електронска форма го врши компанијата „Џеф Бенет Букс“, најголем снабдувач на библиотеките со книги во светот.

Божин Павловски спаѓа во редот на најпреведуваните македонски автори. Негови романи се преведени на: француски, англиски, италијански, романски, турски, албански, српски, грчки, словенечки, бугарски, руски, полски, чешки, словачки и на други јазици. За своето богато прозно творештво добитник е на национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите „11 Октомври“ за животно дело, „Рациново признание“, „Стале Попов“, како и на престижната Интербалканска награда за книжевност во Солун, Грција.