Делегација на СДСМ во Букурешт на „Дијалог на политичките партии од Кина – Централна и Источна Европа 2017“

Делегација на СДСМ предводена од Дејан Павлески, претседател на Комисијата за локална самоуправа на СДСМ и заменик министер за локална самоуправа, присуствуваше на „Дијалог на политичките партии од Кина – Централна и Источна Европа 2017“, во рамките на „Иницијативата појас и пат“, настан кој на 14-ти овој месец се одржа во Букурешт, Романија.

Како што соопшти денеска Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ, во рамките на Дијалогот се одржале и три форуми на теми: Улогата на младите, Меѓудржавна соработка и Бизнис дијалог за соработка“, при што Дејан Павлески учествувал во вториот форум.

Во своето обраќање, тој потенцирал дека Република Македонија има клучна местоположба на Балканот, крстосница која го поврзува југот со северот и истокот со западот. Павлески посочил дека дијалогот помеѓу политичките партии е од особена важност бидејќи токму тие ги создаваат политиките и ги пренесуваат на државно ниво. Во тој контекст, истакнал дека политичката стабилност, како и одговорните политичари и политички партии се основата за нормален општествено-економски развој на државите и основен предуслов за регионална и меѓународна соработка.

На крајот, Павлески заклучил дека новата Влада на Република Македонија предводена од СДСМ е целосно подготвена и отворена за соработка со сите , почитувајќи ги принципите на меѓусебната доверба и почит, со цел за креирање нови перспективи и светла иднина за земјите од Централна и Источна Европа.

Павлевски во рамки на настанот во изјава за кинески медиуми посочил дека „Дијалогот на политичките партии од Централна и Источна Европа и Кина“ е продолжение на „Соработката на 16+1 земјите“, а во врска со „Иницијативата појас и пат“ чија идеја и цел е да се зајакне соработката помеѓу овие земји, особено во делот на инфраструктурата, енергетиката и земјоделието и на тој начин да се оствари поблиска соработка, што би довело до заеднички развој на целиот регион на кој некогаш се протегале старите патишта на свилата, се наведува во соопштението од СДСМ .