Чавушоглу: Македонија заслужува прием во НАТО (ДПЛ)

Македонија ја заслужува најмногу од сите кандидати можноста за прием во НАТО Алијансата и ЕУ. Целата ситуација околу прашањето за името ја сметам вештачка и со тоа и се нанесува неправда на Македонија. Ние ги поттикнуваме сите членки да соработуваат со Македонија, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на денешната заедничка прес – конференција во Скопје со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Чавушоглу  додаде дека Анкара ќе го поддржи секое решение што е прифатливо за Македонија и Грција, и нагласи дека тука е битна одлуката на Македонија.

Шефот на македонската дипломатија Димитров, пак, кој се заблагоради на прес-конференцијата за постојаната поддршка на Турција за членство во НАТО, нагласи дека од правен аспект во спорот за името ситуацијата е чиста.

– Ние во правна смисла имаме чиста ситуација. Имаме Времена спогодба од 1995 година и пресуда од Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година каде што Македонија не би требало да има пречки да добие покана и да се зачлени во НАТО Алијансата доколку тоа се одвива под привремената референца. Јас ќе се обидам да укажам и да убедам дека и во интерес на Грција е ова да се направи. Ќе се обидам кон правните аргументи да додадам што е можно повеќе политички аргументи. Ова е многу важно и за нас како држава, но и за целиот регион. Нашето членство во НАТО ќе има позитивно влијание на смирување и на стабилизирање на нашиот регион, рече Димитров.

Чавушоглу и Димитров изразија задоволство од одличните односи и соработка меѓу двете земји на повеќе полиња и искажаа подготвеност со заедничка волја тие да се унапредат. Според Чавушоглу, Македонија е многу значајна земја и партнер на Турција. Тој ја истакна и улогата на нашата земја за стабилноста и мирот во регионот.

Димитров, пак, ја нагласи симболиката на посетата на Чавушоглу, бидејќи тоа е прва посета на висок странски претставник на Македонија по формирањето на новата Влада, а се случува и во година кога Скопје и Анкара одбележуваат 25 години од воспсостабувањето на дипломатските односи.

Во однос на економската соработка двајцата министри искажаа интерес за нејзиното продлабочување. Според Чавушоглу, трговската размена меѓу двете земји достигнала 460 милиони долари, а вредноста на турските инвестиции во Македонија е 1,2 милијарди долари. Тој оцени дека постои простор соработката на економско поле да се удвои, а укажа и на интерсот кај турските компании да инвестираат и соработуваат со фирми во Македонија.

Чавушоглу истака и дека турската заедница во Македонија е значаен мост за одличните билатерални односи. – Она што турската заединца ја врзува за Македонија се законските права кои им се овозможуваат, вели шефот на турската дипломатија.

Чавушоглу денеска порано се сретна и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.