Историја

Историја

Македонија, официјално Република Македонија — држава сместена на Балканскиот Полуостров. Земјата е една од наследничките држави на поранешна Југославија, од која прогласи независност во 1991 година. Република Македонија зафаќа околу 38% од вкупната површина на регионот Македонија. Географски земјата граничи со Србија (и Косово) на север, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад. Релјефот на државата е главно планински. Иако континентална држава, таа има повеќе од 50 езера и шеснаесет планини повисоки од 2.000 метри. Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Главен град на државата е Скопје со население од 506.926 граѓани (проц. 2004). Други поголеми градови се: Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Велес, Штип, Охрид, Гостивар, Струмица, Кичево, Кавадарци и Кочани. Македонија има вкупно 25.713 километри квадратни во кои живеат околу 2.114.550 жители (проц. 2009), од кои мнозинството се Македонци. Официјален јазик во државата е македонскиот, додека официјална валута е денарот. Во 1993 година, Македонија станала членка на Обединетите нации, но поради спорот со името кој го води со Република Грција, примена е под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Македонија е членка и на советот на Европа. Од декември 2005 година исто така е и кандидат за приклучување кон Европската Унија и има аплицирано за приклучување кон НАТО.