БАРСЕЛОНА “НАЛЕТА” НА ВАРДАР

“Црвено -црните” во своето прво учество на “Фајналфор” натпреварувањето, во полуфиналето за противник ја добија големата Барселона. Вообичаено кога се работи за наши екипи, се поставува прашањето дали не можеше Вардар да добие полесен противник, но според тоа во каква форма се наоѓаат екипите прашањето е кој на кого “налета”. Дека Вардар се наоѓа во извонредна форма, која е темпирана својот врв да го достигне токму во овој период, зборува и двојната победа во четвртфиналето со германскиот Фленсбург, кого момците на Раул Гонзалес го совладаа и во Германија и во Скопје.

-Барселона е силна екипа, заврши како прва во својата група, има одлични голмани и квалитет во сите делови од тимот. Тоа ќе биде тежок и неизвесен натпревар, но во него ќе влеземе сосема подготвени. Ако ја повториме играта со Фленсбург верувам дека можеме да се пласираме во финалето. Играчите ја имаат потребната самодоверба, а мотивација поголема од барселона не им треба – изјави Раул Гонзалес.

Еден од најдобрите ракометари на Вардар, Тимур Дибиров, по дознавањето на противникот изјави:

-За нас е огромна чест да играме против Барселона. Нема да заминеме во Келн за да ги гледаме натпреварите, туку сакам да се вратиме со последниот авион и пехарот во наши раце.

Во второто полуфинале ќе се сретнат екипите на унграскиот шампион Веспрем и и францускиот Пари Сен Жермен.

Полуфиналните натпревари ќе се играат на 3 јуни во термини од 15:15 минути и 18 часот.