Претседателот на Комисијата за образование на СДСМ Петар Атанасов денеска побара директорите на училиштата да се спротивстват, на, како што тврди, однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ со кое се повикуваат ученици на протести.

– Повикуваме веднаш да престане злоупотребата на ученици за партиски цели и протести на коишто се поттикнува и шири етничка и национална омраза, рече на прес-конференција Атанасов.

Според него, случаи во кои ученици се повикуваат на протести има во Прилеп, Скопје, Битола и во други делови од државата, а тоа, потенцира, претставува кривично дело.

– Насочувањето деца, малолетници, тинејџери, кон поделби, омраза, дискриминација остава трајни последици кај нив. Секој има и индивидуална одговорност тоа да не го дозволи, наведе Атанасов и додаде дека образованието ќе има суштински промени предвидени во програмата на новата влада.