АНТИЌ СЕУШТЕ РАЗМИСЛУВА

Еден од најдобрите кошаркари на Македонија на сите времиња, членот на турскиот Фенербахче, кој оваа сезона стана Европски првак, Перо Антиќ, се појави на прозивката која вчера ја имаше селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Јорданчо Давитков. Дури по иницијатива на Давитков, си пружија рака со претседателот на КФМ, Петар Наумоски иако долго време меѓу нив двајца владее отворено непријателство. Дали меѓу Антиќ и Наумоски се закопани воените секири засега е непознато, но како и да е веројатно во интерес на Македонија и македонската кошарка ќе мора да функционираат.

Сепак иако дојде на собирот, Антиќ изјави дека сеуште е неизвесно дали ќе се најде во репрезентацијата.

-Дојдов од почит кон селекторот Давитков и стручниот штаб. Го познавам Давитков одамна и тврдам дека е човек и стручњак кој може да ја врати атмосферата во националниот тим. Сепак сеуште немам одлучено дали ќе играм за репрезентацијата. Имав напорна сезона, без многу одделен од семејството. Затоа откако со моето семејство ќе ги разгледаме сите можности ќе ја донесеме одлуката заедно – изјави Антиќ.