АНТИЌ АКЦИОНЕР ВО КК ГОСТИВАР

Најдобриот македонски кошаркар Перо Антиќ, купи 20% од акциите на КК Гостивар, со што и практично даде до знаење дека проектот “КК Гостивар” не е само на хартија туку дека во блиска иднина откако ќе бидат поставени цврсти темели на овој клуб, може да се очекува тој да прерасне во еден од водечките во земјава.

-Можам да соопштам дека најдобриот кошаркар во Македонија, Перо Антиќ, стана дел од клубот купувајќи дел од акциите на клубот. Нашата цел е структуирање на млади кадри и враќање на клубот на патеките каде што некогаш бил. Основна цел е создавање млади играчи и идни репрезентативци. Нема да биде лесно, меѓутоа сигурен сум дека со една напорна работа ќе успееме – изјави тим-менаџерот на клубот, Младен Ѓуроски.

Тренер на екипата е Марјан Србиновски, кој потврди дека главната цел на клубот е создавањето млади играчи.

-Благодарност до управата што ми укажа доверба да работам со овој клуб. Нашата цел ќе биде создавање млади играчи. Можам да ветам напорна работа и се надевам на успех. Концептот е уникатен и ги опфаќа сите категории, од најмладите па до првата екипа- изјави Србиновски.