Анѓушев: Само 18 отсто од територијата има канализација, а Скопје има споменици од милиони евра (ДПЛ)

Македонија е исклучително нерамномерно регионално развиена. Само 18 отсто од населението е покриено со канализациска мрежа, а во Скопје има споменици од милиони евра. Ваквата ситуација мора да ја промениме и можностите со кои располагаме да ги распределиме подеднакво насекаде, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината за рамномерен регионален и локален развој.

Анѓушев напомена дека прво мора да се мапира трошењето на буџетските средства по региони во сите сфери за што веќе се изготвува проект со швајцарска поддршка. Владата и во врска со фискалната децентрализација има предвидено мерки кои ќе се имплементираат во целост.

– Ние сме мала, но не и богата држава. Затоа треба да размислуваме како семејство, домаќински, и прво да се погрижиме за егзистенцијалните проблеми, патиштата, канализациите, училиштата, болниците,…, а потоа да се луксузираме, истакна Анѓушев и додаде дека за да се излечи некоја болест, прво мора да се детектира, да се направи дијагностика и да се прифати.

Правото лице, напомена, се гледа кога ќе се прошета цела Македонија, а не само радиус од еден километар квадратен во центарот на Скопје.

– Тоа мора да го надминеме, да направиме толку колку што сме богати, колку што ни се можностите. Тука доаѓате до моментот колку можете да направите. Треба да се дефинираат вистинските приоритети – обезбедување исти услови насекаде во државата, за сите жители да се чувствуваат како да се во центарот на Скопје. Да, тоа е еден сон кој не може да се оствари преку ноќ или во една година, со еден буџет или програма. Мора да биде стратегија кон која ќе се стремиме и на која треба посветено да работиме. Ако тоа не го направиме, ќе продолжи тенденцијата сите да сакаат да живеат во главниот град штго е неиздржливо, укажа вицепремиерот.

Наведувајќи ја како пример Словенија, предочи дека Љубљана имала 200.000 жители пред 50 години, а исто толку има и сега, додека Скопје имало 70.000 до 100.000, а денес има 700.000.

– Тоа е неприродно. Секако дека на луѓето не можете да им забраните да доаѓаат во Скопје, но треба да им обезбедите услови таму каде што живеат, да се чувствуваат дека тоа е нивното место за живеење, а не да се будат секое сабајле како да се иселат од таму. На тоа треба многу да се работи. Најпрво мора да видиме колку средства се трошат централно, во Скопје, а колку по регионите. На крајот од годината ќе може транспарентно да ги видиме сите буџетски трошења во проценти по региони, зашто немаме јасна слика. Од тука треба да тргнеме, рече Анѓушев.

И заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески ја нагласи потребата од рамномерен регионален развој, особено ако се земе предвид, како што рече, каква е состојбата кај нас сега.

– Ниту едно општество или функционална демократија не може да постои без рамномерен развој, нагласи Павлески.

Одговорајќи на новинарски прашања, вицепремиерот Анѓушев информира дека Владата интензивно работи на обесштетување на стопанствениците кои загубија многу од ланските поплави во Општина Гази Баба, но е посветена и на решавање на проблемите особено со инфраструктурата во зоната Визбегово.

Во Визбегово, како што рече Анѓушев, проектот за патот Скопје – Блаце има сериозни пропусти.

– Согласно проектот, како што е сега направен, патот минува низ повеќе изградени објекти. Не се водело грижа и тоа мора да се смени. Не можеме на луѓето да им ги срушиме објектите за да се направи автопат. Треба да се најде друго решение, веројатно тоа ќе биде булевар до клучката со Обиколницата, потенцира Анѓушев.

Тој двапати имал средба и разговарал со бизнисмените од Визбегово. Зоната, рече, има исклучителни индустриски капацитети кои сериозно партиципираат во даноците на државата.

– Сега се програмира Буџетот за следната година. Ценам дека ќе има одредени средства за решавање на проблемите во повеќе региони, вклучувајќи го и Визбегово, потенцира Анѓушев.

Во однос на регионите зафатени со поплавите, како Стајковци, заменик-претседателот на Владата оцени дека тие проблеми требале да бидат решени од страна на осигурителните компании.

– Но, Владата е секогаш тука да ги разгледа проблемите и да ги решава онаму каде што не биле решени, истакна вицепремиерот.

Директорот на Фондацијата Фридрих Еберт за Македонија и Косово Франк Хантке ги поздрави реформите на новата Влада, нагласувајќи дека во процесот на нивното спроведување активно треба да бидат вклучени и граѓаните. Посебен акцент, напомена, треба да се стави на инфраструктурата и на еднаквиот регионален и локален развој.