АМС ГИ НАГРАДИ КАРАТИСТИТЕ

Агенцијата за Млади и Спорт на Република Македонија, ги награди освојувачите на медали од последното Европско првенство. На приемот кој беше организиран во нивна чест, дирејкторот на Агенцијата, Марјан Спасески изјави:

-Би сакал да им честитам на каратистите кои достојно ја претставуваа Република Македонија на европското првенство, а особено на оние кои освоија медали. Сребрениот медал кој го освои Берат Јакупи и бронзениот на Јована Георгиева им донесоа според правилникот на нивните носители стипендија од светска категорија, што значи дека во следните две години тие од држава ќе примаат финансиски средства во висина од две просечни плати. Петтото место на Сара Радичевска и овозможи стипендија во висина од една просечна плата, во следната година.

Освојувачот на среброто, Берат Јакупи заблагодарувајќи се рече:

-Сребрениот медал е плод на напорна работа, труд и желба да се вратам на вистинскиот пат по многубројните повреди. Имав чест во припремниот период да работам со нашите најдобри каратисти Емил Павлов и Жарко Ристевски и да споделам значајни искуства со нив. Мојата цел е учество на Олимписките игри во Токио 2020 година.