АЛДА: Да се формира гарантен фонд за НВО за прекугранична соработка

Граѓанските организации кои учествуваат во проектите за прекугранична соработка се соочуваат со недоволно финансиски средства при имплементацијата на проектите, покажува истражувањето спроведено од страна на Европската асоцијација за локална соработка (АЛДА).

Оттаму препорачуваат да се формира еден вид гарантен фонд кој би може да обезбеди финансиски средства за граѓанските органзации со што би се решил проблемот со нивната ликвидност, односно би ја имале потребната финансиска стабилност за спроведување на проектот.

– Еден од главните проблеми со кои се соочуваат граѓанските организации во Македонија во проектите за прекугранична соработка е обезбедувањето на навремени финансиски средства. Македонија е единствената земја од регионот којашто обезбедува 15 проценти кофинансирање на сите проекти за прекугранична соработка, но овие средства доаѓаат на крајот на имплементацијата на проектот, а тоа понекогаш е голем временски период, поради што граѓанските организации немаат доволно финансиска стабилност, истакна Ивана Петровска од АЛДА.

Според резултатите од истражувањето, граѓанските организации се вклучени во проектите за прекугранична соработка, но се единствените чинители кои не се вклучени во донесувањето на одлуки. Поради тоа од АЛДА препорачуваат и овие организации да се вклучат во телата за одлучување.

– И покрај учеството на граѓанските организации во прекуграничната соработка, тие речиси и воопшто не се вклучени во процесот на донесување на одлуки. Постои еден т. н. Заеднички комитет за следење на секоја од програмите и за разлика од сите други чинители како што се министерства, општини и центрите за регионален развој, граѓанските организации се единствените чинители кои не учествуваат во тоа тело кое ги гради политиките за прекугранична соработка, посочи Петровска.

Една од препораките на АЛДА е и да се зајакне и соработката меѓу граѓанските организации и општините.

Република Македонија има прекугранична соработка со четири земји и и тоа Албанија, Косово, Бугарија и Грција. Во периодот од 2007 до 2013 година биле финансирани вкупно 206 проекти со тоа што граѓанските организации биле вклучени во најголем број од сите чинители, односно повеќе од 100 граѓански организации од Македонија биле вклучени во програмите за прекугранична соработка.

Истражувањето е направено во комбинација од неколку методи: анализа на документи, прашалник, фокус групи и интервјуа и го опфаќа временскиот период од 2007 – 2013 преку анализа на искуства од спроведените проекти и од 2014 – 2020 година преку првични информации за спроведувањето и преку анализа на периодот на планирање.