СЕ ОДРЖА МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ – „ПРЕСПА 2025“

27 јули 2025 година, ќе остане запишан со златни букви за Македонската заедница во Албанија. Имено, на тој ден, во Пустец, Мала Преспа, Албанија, во организација на Македонското друштво “Преспа”, а со поддршка на општината Пустец, на плоштадот “Гоце Делчев” во општината Пустец се одржа традиционалниот Македонски фолклорен фестивал „Преспа 2025“, кој беше ден за историјата и гордоста на Македонците во Албанија и општината Пустец, со што се потврди живата македонска традиција надвор од границите на татковината Македонија.

15 copy copy

Со песна, оро и гордо развиени македонски знамиња, Македонците во Албанија испратија јасна порака до Светот, Европа, Албанија и Македонија, Грција и Бугарија дека, Македонскиот идентитет живее и ќе живее во Албанија, Грција, Бугарија и ширум светот!

На Македонскиот фолклорен фестивал учествуваа неколку македонски културно уметнички друштва кои го негуваат македонскиот фолклор на Мала Преспа и на Македонците во Албанија.

Македонскиот фолклорен фестивал Пустец 2025“ беше збогатен со  присуството на претседателот на Македонската влада проф.д-р Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи на Македонија Панче Тошковски, министерот за култура и туризам на Македонската влада Зоран Љутков, градоначалниците на Охрид, Кирил Пецаков на Ресен, Јован Тезиевски и градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски, потоа делегација на Македонското друштво “Преспа” предводена од претседателот Едмонд Темелко и делегација на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција предводена од претседателот м-р Васил Стерјовски.

Претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски пред сите Македонци во Пустец и Албанија упати силна поддршка и љубов за заштита и унапредување на положбата и правата на Македонците во Албанија. Неговото присуство потврди дека Македонците во Албанија не се заборавени, туку се ценети и почитувани.

Македонскиот премиер проф.д-р Хирстијан Мицкоски од Пустец порача: “Македонија во овие 13-14 месеци доживува и економска и национална ренесанса. Пустец е доказ дека припадноста не се брише. Дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови. И дека постојат луѓе кои не чекаат благодарност, туку само можност да продолжат онаму каде што другите би се откажале.

Ви благодарам што ја носите таа тишина исполнета со сила. Ви благодарам што останавте свои. И ви ветувам, Македонија ќе знае да ви возврати со почит, со работа и со постојана поддршка. Да живее секој кој со достоинство го чува својот идентитет. Да живее заедништвото што не признава граници, туку само вистински вредности. Во последно време сме сведоци како се обидуваат да не негираат, да не направат модерни, да не бришат, се обидуваат сето она што е македонско да го оспорат.

Но, она што го гледам и она што го чувствувам во Пустец за мене е голема инспирација да продолжиме да ги поддржуваме Македонците насекаде во светот и да покажеме дека сме Македонци, со многувековен посебен идентитет, кои говорат на свој мајчин македонски јазик, различен од сите балкански јазици.

Ние сме горди Македонци и ќе останеме да бидеме горди. Вие сте лојални граѓани на Албанија, но во мене како македонски премиер и во Македонската влада може да гледате брат и пријател, може да сметате на помош за се’ што ви е потребно. Македонија по седум години национално понижување и ограбување од политичари кои за среќа сега се минато, овие 13-14 месеци доживува и економска и национална ренесанса.

Ние не сме Грци, Бугари, ни Срби, ние сме Македонци, во Албанија и насекаде во светот. Драги пријатели од Пустец и Мала Преспа, денес, кога стојам пред вас, не зборувам само како премиер, зборувам како човек кој верува дека една нација ја чини токму ова, врската меѓу луѓето кои ја чувствуваат како своја, без разлика каде живеат.

Во изминатите децении, многу работи се менуваа – политики, влади, граници. Но, вие останавте доследни. Овде, македонскиот јазик не е нешто што се одржува по навика, туку нешто што се пренесува со љубов. Овде, песната, обичаите, спомените, се дел од живото секојдневие. Жалам што пропагандите што го следат Македонецот низ историјата не ве заобиколија. Ги видовте, ги почувствувавте, ги живеевте преку замени, преку притисоци, преку тивки но упорни обиди да се разниша она што е ваше.

Уште повеќе, горд сум што не потклекнавте. Не ја прифативте удобната заборавеност. Не се срамевте од себе си. Не дозволивте никој да ви го дефинира идентитетот наместо вас самите. И за тоа, ви се поклонувам.

Се вели дека една држава ја покажува својата зрелост преку тоа како се однесува со оние кои не ѝ се во центарот. Ние, денес, сакаме да покажеме дека учиме од минатото. Дека сакаме да воспоставиме нов однос со вас, не декларативен или симболичен, туку вистински. Со поддршката што ќе се гледа, со соработка што ќе се чувствува и со внимание што нема да згасне веднаш по оваа средба. Пустец е доказ дека припадноста не се брише. Дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови.

Ви благодарам што ја носите таа тишина исполнета со сила. Ви благодарам што останавте свои. И ви ветувам: Македонија ќе знае да ви возврати со почит, со работа и со постојана поддршка!“, истакна премиерот Мицкоски.

          Присутните ги поздравија претседателот на Македонското друштво “Преспа” Едмонд Темелко и градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски.

Рецитал за Македонија одржа македонскиот актер Петре Темелковски.

Претсеадтелот на Македонското друштво “Преспа” и градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски на Македонскиот премиер проф.д-р Христијан Мицкоски му врачија Плакета.

Присутните уживаа во македонските народни песни и ора, со желба традицијата да продолжи и догодина со повторното одржување на Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа 2026“, за да се продолжат традициите и обичаите.

Македонскиот премиер проф.д-р Христијан Мицкоски ја посети македонската православна црква “Свети Архангел Михаил”, а се задржа во разговор и со помесниот свештеник отец Алексо Темелко.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН