Шентоп за МИА: Посакуваме Северна Македонија без губење време да ги започне преговорите за членство во ЕУ

Членството на Турција, Северна Македонија и останатите балкански земји во ЕУ, е потребно од политички и економски аспект за ЕУ. Посакуваме Северна Македонија без губење време да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Сметаме дека проширувањето на ЕУ, кое има триангулациско значење за земјите членки и државите кандидати кои преговараат, не треба да биде спречено со политички пречки и дека заедничките вредности не треба да се инструментализираат со цел вршење притисок врз одредени земји. ЕУ треба да има објективен став околу темава. Членството на Северна Македонија во ЕУ е од големо значење и за Балканот и за Европската Унија.

Ова го потенцира во интервју за МИА, Мустафа Шентоп, претседател на Големото национално собрание на Република Турција, кој вчера ја посети Република Северна Македонија, се обрати пред пратениците во Собранието, оствари средба со претседателот на Парламентот Талат Џафери, а се сретна и со шефот на државата Стево Пендаровски.

– Исто така, сакаме да се преземат чекори и во насока на искористување на војската на Северна Македонија од можностите кои ги нуди нашата одранбена индустрија, а кои во изминатиов период се претворија во меѓународен бренд. Особено вооружените беспилотни летала СИХА се сметаат за историски фактор кој ја смени воената стратегија на модерниот свет. Како Турција, секако дека посакуваме братска и пријателска Северна Македонија да го искористи ова наше искуство, вели тој во интервјуто.

Според него, безбедносната состојба во регионот, за жал, како што рече, во последниве месеци е во негативен тренд. Сеператистичката реторика и политичката криза која продолжува во Босна и Херцеговина, како и напнатите односи помеѓу Косово и Србија, оценува Шентоп, се показател на оваа состојба.

– Сметам дека нон пејперите кои циркулираа низ јавноста во април месец и кои предвидуваа промена на граници на етничка база можеби имаа поттикнувачка улога во ова. НАТО е меѓу најзначајните фактори на безбедноста на регионот. Најпрвин, како сојузници, треба да продолжиме со нашата позиција која придонесува за безбедноста и стабилноста, истакнува Шентоп во интервјуто за МИА.

Тој нагласува дека Турција ја смета Северна Македонија за пријателска и братска земја со која има моќни историски врски. Потсетува дека Турција беше меѓу првите земји која ја признаа Република Северна Македонија, и тоа со нејзиното вистинско име и идентитет. Го поддржа членството на Република Северна Македонија во евроатлантските институции, а даде голема поддршка и за членството во Организацијата на црноморска економска соработка.

– Ние преку политички, економски и меѓупарламентарни заложби настојуваме уште повеќе да ги развиеме овие односи, и ги преземавме и ќе ги преземеме сите чекори кои ќе придонесат во ова, вели претседателот на Големото национално собрание на Република Турција.

Како ги оценувате севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција ?

– Нашите историски, културни и меѓучовечки односи со Северна Македонија имаат вкоренето минато. Турција е земја кога ја поддржува Северна Македонија од осамостојувањето, секогаш стои покрај неа и дури е меѓу првите земји која ја признаа. Основаните блиски односи и соработка се оформуваат врз цврсти темели и врски.

Северна Македонија е значаен партнер и сојузник на Турција. Продолжуваме да ги зајакнеме нашите односи во сите области, на чело со трговија, инвестиции, туризам, одбранбена индустрија, образование и култура. Во денешницата, продолжуваме со заложби во сите области, со политика, економија и интерпарламентарна соработка сѐ со цел да ги интензивираме и онака одличните односи кои ги имаме со Северна Македонија.

Турција ја смета Северна Македонија за пријателска и братска земја со која имаме моќни историски врски. Затоа, Турција особено од самото осамостојување на Северна Македонија ја поддржуваше, стоеше покрај неа и го поддржуваше нејзиното меѓународно етаблирање. Турција беше меѓу првите земји која ја призна Република Северна Македонија, и тоа со нејзиното вистинско име и идентитет. Потоа го поддржа членството на Република Северна Македонија во евроатлантските институции. Истото важи и за членството во НАТО. Исто така, Турција даде голема поддршка и за членството во Организацијата на црноморска економска соработка. Гледано од тој аспект, Северна Македонија за нас е географски регион со кој делиме културни, историски и меѓучовечки односи. Имаме одлични билатерални односи. Ние преку политички, економски и меѓупарламентарни заложби настојуваме уште повеќе да ги развиеме овие односи, и ги преземавме и ќе ги преземеме сите чекори кои ќе придонесат за тоа.

Каква е Парламентарната соработка и во кој дел сметате дека треба да се развива во иднина?

– Слободно можам да кажам дека помеѓу нашите парламенти постои соработка која е скоро совршена. Со мојот колега почитуваниот Талат Џафери се сретнуваме и се консултираме во секоја прилика. И покрај фактот дека поради пандемиските услови на глобално ниво беа редуцирани билатералните посети, ние во овој период имавме постојан контакт со С Македонија, бидејќи им посветуваме големо значење на нашите односи.

Можам да кажам дека и нашите национални делегации при меѓународните парламентарни асамблеи, во потребни случаи се поддржуваат меѓусебно. Посакувам во иднина континуирано да расте нашата соработка во платформи како ПССЕ, ПС на НАТО, ПС на ОБСЕ и Интерпарламентарната унија и се надевам дека во иднина ќе успееме да формираме уште повлијателен сојуз на парламентарна дипломатија.

Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО беше многу брзо ратификуван од страна на Големото Национално Собрание на Турција. Протоколот можеби беше меѓународениот акт кој најбрзо помина во Собранието. Северна Македонија е земја со созреана демократија, во која живеат граѓани од разни етникуми. Голем број од нашите граѓани во Турција овде имаат свои роднини, соседи, поврзани се со овие краишта. Оваа блискост помеѓу нашите граѓани, има улога на дополнителен мост во развојот на нашите односи.

Двете земји имаат силни културно – историски врски, во овие рамки и соработка во областа на образованието. Во нашата државата редовно се одбележува 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. Колку овие односи можат и како да се продлабочуваат ?

– Културните и историските врски помеѓу нашите земји се причина за гордост за нас и образованието е поле во кое имаме континуиран раст на соработка. Оваа година 1.764 студенти од Турција се образуваат во универзитети во Северна Македонија. Посакуваме овој број да расте уште повеќе, но воедно посакуваме и повеќе ученици и студенти од С Македонија да се образуваат во Турција. Од 1992 година до денес, 1.584 ученици и студенти од С Македонија ги искористите можностите за стипендии од Турција и треба да се заложиме за раст на оваа бројка.

Додека за Денот на турска настава, 21 декември, кој го спомнавте, треба да истакнам дека е од големо значење фактот дека правото на образование на турската заедница е гарантирано со Устав. Ние сме спремни да ја дадеме сета поддршка и да ја продлабочиме соработката со цел на продолжување на наставата на турски јазик во С Македонија.

Советот за општи работи на ЕУ забележа дека Турција продолжува да се дистанцира од Европската унија. Турција ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ во 2005 година, но практично се замрзнати неколку години.  Турција е поддржувач на Република Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ. Како гледате на актуелните случувањата во однос на нашето членство во ЕУ и прашањата отворени од страна на соседна Бугарија, што го кочи напредокот на Северна Македонија кон членство во Унијата? Кои се Вашите ставови за барањата на Бугарија кон Република Северна Македонија за да се откочи патот кон ЕУ?

– Веруваме дека одностите ЕУ-Турција треба да се развиваат во рамки на една позитивна агенда која за основа ќе ја има нашата перспектива за членство во Унијата. Најдобрата геополитичка инвестиција на ЕУ ќе биде зајакнување на споменатата перспектива на Турција. Несомнено, од огромно значење е и членството на балканските земји. Интегрирањето на сите балкански земји без исклучок во евроатлантските структури секогаш беше и останува приоритет на нашата политика кон регионот. Членството на Турција, Северна Македонија и останатите Балкански земји во ЕУ, е потребно од политички и економски аспект за ЕУ. Посакуваме Северна Македонија без губење време да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Сметаме дека проширувањето на ЕУ, кое има триангулациско значење за земјите членки и земјите кандидати кои преговараат, не треба да биде спречено со политички пречки и дека заедничките вредности не треба да се инструментализираат со цел на вршење притисок врз одредени земји. ЕУ треба да има објективен став околу темава. Членството на Северна Македонија во ЕУ е од големо значење и за Балканот и за Европската Унија. Турција го продолжува процесот на усогласенот со ЕУ и се надеваме дека во блиска иднина билатералните односи ќе се унапредат со позитивна агенда.

Турција има долгогодишна соработка и во делот на одбранбениот сектор, како сега ќе продолжи поддршката и соработката како две сојузнички земји во НАТО?

– Најпрво, во оваа прилика, би сакал уште еднаш да го изразам нашето задоволство од членството на Северна Македонија во НАТО. Нашето природно сојузништво се официјализираше и во рамки на НАТО. Турција уште повеќе ќе ја развива соработката во делот на воениот и одбранбен сектор со сојузникот Северна Македонија, земјата со која имаме одлични билатерални односи.

Нашата земја до денес, врз основа на потребите, обезбеди значајна материјална подршка, како и поддршка во опремување на војската на Северна Македонија. Овозможи и можности за обука. Воедно, во оваа област е основан значаен темел на договор и соработка помеѓу двете земји. И кај двете страни постои моќна волја за понатамошен развој на оваа соработка.

Исто така, сакаме да се преземат чекори и во насока на искористување на војската на Северна Македонија од можностите кои ги нуди нашата одранбена индустрија, а кои во изминатиов период се претворија во меѓународен бренд. Особено вооружените беспилотни летала СИХА се сметаат за историски фактор кој ја смени воената стратегија на модерниот свет. Како Турција, секако дека посакуваме братска и пријателска Северна Македонија да го искористи ова наше искуство.

Како ја оценувате безбедносната состојба во регионот и колку ќе влијае соработката на двете земји, како сојузници земји членки пријатели во НАТО?

– Безбедносната состојба во регионот за жал во последниве месеци е во негативен тренд. Сеператистичката реторика и политичката криза која продолжува во Босна и Херцеговина, како и напнатите односи помеѓу Косово и Србија се показател на оваа состојба. Сметам дека нон пејперите кои циркулираа низ јавноста во април месец и кои предвидуваа промена на граници на етничка база можеби имаа поттикнувачка улога во ова.

НАТО е меѓу најзначајните фактори на безбедноста на регионот. Најпрвин, како сојузници, треба да продолжиме со нашата позиција која придонесува за безбедноста и стабилноста. Синергијата произлезена од оваа позиција, несомнено ќе придонесе за безбедноста на регионот. Соработката при КФОР и ЕУФОР се пример за ова. Воедно и нашата волја за развој на билатералната соработка може да се смета за фактор кој ќе го зајакне истото.

Кога ја анализираме историјата, увидуваме дека секогаш постоеја страни кои сакаа Балканот контринуирано да го конструираат како конфликтен регион, и за жал, често пати успеаа во тоа. Ние, како Турција, му посветуваме огромно значење на зачувувањето на мирот и стабилноста на Балканот. Општо познато е дека и почитуваниот Претседател, г-динот Реџеп Тајјип Ердоган, е особено чувствителен на оваа тема и е во постојан контакт со претседатели на држави со цел на продолжување на мирот и благосостојбата во регионот. Јасна е и нашата обрска околу темава. Како законодавни домови, треба со одлучност да се заложуваме и максимално да се посветиме со цел да во регионов се воспостави траен мир.

Каква е соработката во борбата против тероризмот, меѓународните криминални групи за шверц со дрога и оружје и поддршката што парламентите ја даваат на владите на овој план ?

– За справување со елементите кои ја загрозуваат регионалната безбедност, потребна е ефикасна регионална соработка и севкупна борба. Свесни за ова, нашата земја, освен развиените соработки со земјите од регионот, настојува и посветува внимание да преку Комитетот за соработка во правда, внатрешни работи и безбедност при Парламентарното собрание на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, и парламентите од регионот да бидат вклучени во овој процес и да ги поддржуваат владите. Секако дека ова може да се развие уште повеќе. Впрочем, и при Парламентарното собрание на Процесот за соработка на Југоисточна Европа настојуваме да го реализираме тоа.

Во оваа прилика, би сакал да потенцирам и дека му посветуваме особено внимание на борбата со терористичката организација ФЕТО, дека оваа подмолна и опасна структура претставува директна закана и за земјите во кои постои, и дека во овој контекст за нас е значајно да актуелната соработка околу темава со засегнатите земји да продолжи уште поинтензивно. Бидејќи оваа теротистичка организација наречена ФЕТО, е криминална структура која е вешта во изнаоѓање превези за да ги прикрие своите подмолни цели. Станува збор за една структура која со цел да превземе под контролата целата хијерархија на земјата во која дејствува, соработува со криминални групи. Затоа, и Северна Македонија неминовно треба целосно да се ослободи оваа терористичка организација. Знам дека во Северна Македонија се реализирани и ќе се реализираат потребни интервенции кон оваа криминогена структура.

Соработката во овој сегмент во однос на илегалната миграција – мигрантската криза, но и во справувањето со КОВИД пандемијата?

– Илегалната миграција и Ковид пандемијата многу јасно ни ја потсетија потребата од меѓународна соработка. Државите разбраа дека не можат сами да се справуваат со овие предизвици.

Нашиот регион е во критичка положба од аспект на илегалната миграција. Бидејќи регионов е дел од рутата до земјите кои се конечна цел, се соочи со макотрпни предизвици. Нашата земја си ја исполни и продолжува да ја исполнува својата обврска во оваа насока. И покрај тоа, треба да се развие регионалната и меѓународната соработка со цел да се решат проблемите кои сеуште траат.

Сметам дека за време на Ковид пандемијата Балканот успешно го положи испитот на регионална соработка. Преку регионалните механизми за премин на граници во првите денови од пандемијата јасно го изрази фактот на владеењето на духот на регионалната соработка. Потоа, соседите испратија медицинска помош и за другите земји од регионот. И нашата земја беше меѓу нив. Испративме помош до регионот. Пандемијата се уште продолжува. Иако регионот е поспремен за нови бранови, во случај на потреба, треба да ги развиеме овие механизми на соработка. Еден од приоритетите на Претседавањето на Процесот за соработка на Југоисточна Европа за 2020-2021 беше и развојот на регионалната соработка во борбата со Ковид пандемијата и сметам дека успеавме во тоа.

Дали со ажурирањето на Договорот за слободна трговија може да се зголемат турските инвестиции и трговската размена, со оглед на тоа што до минатата година вкупните турски инвестиции во државата изнесуваа околу близу 1,3 милијарди американски долари. Турција е петтиот партнер во областа на инвестициите и седми партнер во областа на трговијата. Моменталниот обем на трговска размена помеѓу двете земји изнесува околу 700 милиони долари.

– Нашите економски и трговски односи со Северна Македонија во себе содржат голем потенцијал. Во споредба со минатата година, годинава имаме раст од 46 проценти во трговската размена. Овој импулс ни дава на знаење дека во блиска иднина ќе реализираме целта на обостран трговски обем од 1 милијарда долари.

И покрај фактот дека ова ни претставува задоволство, сепак сметаме дека ова ниво е недоволно. Така да, му посветуваме значење на процесот на ажурирање на Договорот за слободна трговија вклучувајќи ги и земјоделските производи и услужниот сектор и веруваме дека ова ќе ни овозможи побрзо да стигнеме до целта. Надлежните институции интензивно работат на темава. Се надевам дека процесот ќе се заокружи во најкус можен рок. Со ажурирањето на договорот, многу е веројатно да турските инвестиции во Северна Македонија ја надминат цифрата од две милијарди долари.

Компаниите на турските стопанственици имаат многу значајни инвестиции и дејности овде. Ние ги поттикнуваме истите. Развојот, благосостојбата и овозможувањето на нови работни места во Северна Македонија е нешто кое и ние го посакуваме. Ние како Турција, сме земја која сака особено на економски аспект да го поддржува развојот на нашите пријатели, нашите братски земји. Јас сметам дека нашите односи ќе се развиваат уште повеќе во секоја област. И од моите контакти со Претседателот на Собрание, Премиерот и Претседателот знам дека и од нивна страна постои иста желба и дека одлучно намеруваат да ги развиваат односите помеѓу Република Северна Македонија и Турција.