Претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ ја освои наградата на жирито за најдобра претстава на 6. Интернационален театарски фестивал „Московски ноќи“, што од 5 до 9 октомври се одржа во Митишчинскиот театар за драма и комедија „Фест“ во Русија.
Во жирито на фестивалот учествуваа познати руски театарски критичари и национални уметници – Елена Шанина, Татјана Тихоновец, Владислава Куприна и Андреј Пронин.
– Изведбата на претставата се одржа на 6 октомври во полниот салон на театарот „Фест“, а македонските актери се вратија со возбуда што ја создаде приемот на претставата кај руската театарска публика. На фестивалот беа изведени осум претстави, од кои, покрај Македонскиот народен театар, учествуваа шест руски и еден театар од Казахстан, соопшти МНТ.
„Разговори во четири очи“ е копродукција на Македонскиот народен театар и „Скопје филм студио“. Работена е по текст на познатиот филмски и театарски автор Ингмар Бергман. Досега гостуваше на повеќе театарски фестивали во Русија, Словачка, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и во Македонија.
Во претставата играат Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петар Арсовски, Дамјан Цветановски, Дарја Ризова, Катина Иванова и Благој Веселинов. Таа е на редовниот репертоар на Македонскиот народен театар, а македонската публика ќе може да ја гледа на 25 октомври на малата сцена во МНТ.