Османи на министерски состанок на НАТО во Брисел, меѓу темите Блискиот Исток, Украина и Западниот Балкан

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Брисел ќе учествува на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, на кој меѓу главните теми за дискусија ќе бидат конфликтот на Блискиот Исток, состојбата во Украина и случувањата во регионот на Западниот Балкан. 

На заседанието на Северноатлантскиот совет на министерско ниво, под претседателство на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, покрај шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата ќе присуствува и нивниот колега од Шведска, земја која е во процес на зачленување во Пактот. Во попладневните часови на министрите од НАТО ќе им се приклучи и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

Министерскиот состанок продолжува и утре претпладне со првото заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за надворешни работи, на кој ќе учествува и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Столтенберг најави дека во услови кога се соочуваме со „најопасниот свет во последните децении“, министрите за надворешни работи ќе разговараат за итни безбедносни прашања – растечкото глобално ривалство, обновениот конфликт на Блискиот Исток и војната во Украина. 

Тој информира дека на средбата ќе стане збор и за ситуацијата на Западниот Балкан, каде, како што рече, бевме сведоци на „сериозно насилство во северно Косово, сецесионистичка реторика во Босна и Херцеговина и малигни обиди за поттикнување несогласувања, меѓу кои и од страна на Русија“. 

Генералниот секретар на НАТО нагласи дека за начините за зајакнување на стабилноста во регионот на Западниот Балкан, министрите ќе разговараат и со високиот претставник на ЕУ, Борел. Во тој контекст, Столтенберг потсети дека НАТО веќе испрати 1.000 дополнителни војници на Косово, а разгледува и „потрајно зголемување“ на својот мировен контингент. 

– Белград и Приштина мора повторно да се вклучат во дијалогот со посредство на ЕУ. Стабилноста зависи од тоа сите страни да изберат дијалог и дипломатија наместо конфликт и хаос, порача Столтенберг на вчерашната прес-конференција во пресрет на денешниот министерски состанок. 

Тој се осврна и на случувањата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека страдањата на цивилите ја нагласуваат потребата од трајно политичко решение на конфликтот меѓу Израел и Палестинците. 

– Го поздравувам тоа што договорот меѓу Хамас и Израел доведе до ослободување на заложници и зголемена дистрибуција на хуманитарна помош. Повикувам да продолжи (хуманитарната) пауза. Тоа ќе им го овозможи многу потребното олеснување на луѓето од Газа, како и ослободување на уште заложници, изјави Столтенберг. 

Тој потенцира дека НАТО е присутен во поширокиот регион на Блискиот Исток, вклучително и преку својата мисија за изградба на ирачките безбедносни капацитети, додавајќи дека последните напади со беспилотни летала и ракетни проектили врз американските позициите во Сирија и Ирак, се доказ од растечкиот ризик од ескалација на тензиите во регионот, па затоа го повика Иран „да ги заузда своите штитеници“. 

– Министрите ќе се осврнат и на дестабилизирачките активности на Русија во Украина и пошироко. Русија ја врати војната во Европа и се обидува да ги дестабилизира нашите демократии со кибер напади, дезинформации, енергетски уцени, па дури и миграција, рече Столтенберг. 

Генералниот секретар на НАТО ја обвини Русија дека во последните недели „го олеснува пристигнувањето на мигрантите“ на својата граница со Финска, што резултираше со затворање на граничните премини. 

– Тоа е користење на миграцијата како алатка за притисок врз земја сосед и НАТО сојузник. НАТО изразува солидарност со нашиот сојузник Финска и го поздравува тоа што Фронтекс помага да се зајакнат финските граници, додаде Столтенберг. 

Тој нагласи дека министрите на состанокот ќе ја потврдат долгорочната поддршка на НАТО за Украина, чии сили, според него, продолжуваат да и нанесуваат големи загуби на Русија. 

– Ова е голема победа за Украина. Во меѓувреме, Русија е политички, економски и воено послаба.  Украина продолжува храбро да се бори, а ние продолжуваме да ја поддржуваме, рече Столтенберг. 

Како конкретни мерки на поддршка тој ги наведе ветувањата на Германија и Холандија за помош на Киев во износ од 10 милијарди евра, отворањето на центар за обука на украинските пилоти за управување со авионите Ф-16 во Романија, испраќањето на дополнителна противвоздушна одбрана и муниција за заштита на украинските градови од руските напади, како и формирањето на Коалицијата за воздушна одбрана за Украина од страна на 20 членки на Алијансата. 

– Сојузниците се согласуваат Украина да стане членка на НАТО. На нашиот состанок ќе ги договориме препораките за приоритетните реформи во Украина, додека продолжуваме да го поддржуваме Киев на неговиот пат кон членство во НАТО, додаде Столтенберг. 

Првиот човек на Алијансата се осврна и на приемот на Шведска во НАТО, потенцирајќи дека зачленувањето на земјата ќе го направи Пактот посилен и сите негови членки побезбедни. 

– Затоа, го поздравувам тоа што турскиот Парламент го започна процесот на ратификација (на протоколот за членството на Шведска). Сметам дека Турција и Унгарија ќе ги завршат ратификациите што е можно побрзо. Дојде време за тоа, порача Столтенберг. 

Генералниот секретар на НАТО најави дека министрите ќе се осврнат и на предизвиците што ги претставува Кина за безбедноста на Алијансата, поздравувајќи ги при тоа неодамнешните дискусии меѓу Пекинг и сојузниците. 

– Дијалогот е важен и ние мора да бараме можности да работиме заедно за низа прашања, вклучувајќи ги климата и контрола на оружјето. Кина не ни е противник, но активностите на Пекинг ја предизвикуваат нашата безбедност и ние мора да работиме заедно за да одговориме на предизвиците, додаде Столтенберг. 

Претходно и од американскиот Стејт департмент информираа дека меѓу темите на министерскиот состанок на НАТО во Брисел ќе биде и регионалната стабилност на Западниот Балкан. Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер истакна дека на средбата „ќе се издвои и поддршката за демократија и регионална стабилност на Западниот Балкан“, додавајќи дека војната во Украина ја истакнува потребата од итна интеграција на регионот во евроатлантските институции.   

– Посветени сме да работиме со земјите од Западниот Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за злонамерно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот, порача Стејт департментот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *