Ковачевски – Брнабиќ: Нови чекори во добрососедските односи, за просперитет, стабилност и евроинтеграција

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Белград, деенска имаше средба со претседателката на Владата на  Република Србија, Ана Брнабиќ.

На средбата присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, соопшти владината прес-служба.
 
Премиерите Ковачевски и Брнабиќ го поздравија одличниот развој на билатералните односи и констатираа дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, како и неговата европска интеграција се засновани на добрите билатерални односи, поради што од исклучителна важност е двете земји континуирано да соработуваат и успешно да ги надминуваат сите разлики.
 
На средбата е направен пресек на актуелните и претстојните активности и проекти меѓу двете земји, со акцент на економски и инфраструктурен план.

Дел од меѓусебните заложби за засилување на соработката е и денешното потпишување на „Меморандумот за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси“.

Овој Меморандум е уште една можност, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, да се овозможи брз транспорт на стока, не само низ земјите во Западен Балкан, туку и кон земјите членки во ЕУ.

На средбата се разговараше и за претстојните активности за проширување на инфраструктурната соработка, со конкретни планови и активности во следниот период.

Премиерот Ковачевски го поздрави одржувањето на вториот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, со кој го промовираме нашиот вински потенцијал и квалитет.
 
Премиерите разговараа и за одржувањето на специјализираната меѓународна изложба ЕКСПО 2027 во Белград, на која ќе биде соодветно претставена и Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *