Џафери оствари средба со делегацијата на Управувачката група на Шведскиот Риксдаг

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со делегацијата на Управувачката група на Шведскиот Риксдаг, предводена од Лота Јонсон Форнарве, втора потпретседателка на Шведскиот Риксдаг.

Делегацијата престојува во дводневна студиска посета на Собранието во рамки на соработката за демократски развој меѓу двата законодавни дома.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, истакнал дека со задоволство е прифатена шведската иницијатива за воспоставување на соработка за демократски развој, која е заемно корисна како за двата законодавни дома, така и за двете држави. Тој нагласил дека за земјава е особено значајно што шведската јавност и шведскиот Парламент даваат поддршка за членството на Северна Македонија во Европската унија и изразил надеж дека во следните месеци ќе бидат надминати пречките и ќе се одржи првата меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Џафери нагласил дека во Северна Македонија постои силна посветеност за градење на општество во кое се почитуваат различностите, бидејќи тоа е камен темелникот на безбедноста и на просперитетот на државата. Во однос на регионалната соработка и односите со соседите, тој информирал дека континуирано се работи на создавање на позитивна атмосфера и тежнеење билатералните прашања да се решаваат во духот на добрососедството и основните европски вредности.

Потпретседателката на шведскиот Риксдаг изразила надеж дека за време на студиската посета пратениците ќе се навратат на некои од темите за кои разговарале за време на посетата во Стокхолм и дека посебен акцент ќе биде ставен на односите со граѓанското општество. Таа изразила уверување дека цврстата шведска поддршка на евроинтеграцискиот пат на Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина и информирала дека во текот на 2023 година, Шведска ќе претседава со Советот на Европската унија.

Соговорниците размениле мислења и искуства во однос на работата на пленарна седница и во однос на пополнувањето на местата во комисиите и пренесувањето на собраниски канал на седниците на работните тела.