Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, почетокот на работната посета на Големото Војводство Луксембург ја започна со средби со претседателот на Собранието, Фернанд Етген и претседателот на Комисијата за надворешни работи во Собранието на Луксембург, Кручтен Ивес. Истовремено, Османи имаше и настап пред претставниците на Собранието и на Комисијата за надворешни и европски прашања, соработка, миграции и азил.
Како што соопшти МНР, на средбите беше потврдена конзистентната и силна поддршка на Луксембург во полза на европската перспектива на Северна Македонија, преку континуирана поддршка на реформските процеси.
-Вложивме многу во овој процес, што нѐ прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Луксембург е еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и ние високо ја цениме силната и гласна поддршка што доаѓа од кај вас, на сите нивоа, истакна Османи.
Соговорниците разменија мислења и за сојузништвото во НАТО, при што стана збор за актуелните домашни, регионални и меѓународни теми, како и за ангажманите и заложбите на нашата држава за обезбедување стабилност и сигурна иднина на нашиот Регион. Во тој контекст, беа поздравени впечатливите активности на Северна Македонија на планот на унапредувањето на добрососедските односи.
Во продолжение на еднодневната работна посета на Луксембург, Османи ќе се сретне со својот домаќин, министерот за надворешни и европски работи и министер за имиграција и азил на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн.