Вицепремиерот за економски прашања Мила Царовска, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска одржаа координативен состанок со директорите на трудовиот и транспортниот инспекторат Алајдин Хавзиу и Руфат Хусеини, претседателката на Советот на инспектори Магдалена Филиповска Грашкоска и со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, „Гласен текстилец“, „Хелсиншки комитет“, „ХЕРА“, „ФООМ“, „Платформата за борба против сиромаштија“, „Мрежата против насилство врз жените“ и УНДП.
Како што соопшти Кабинетот на Царовска, на состанокот преку апликацијата „ZOOM“ се дискутираше за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите и можностите за користење на државна помош во случај на губење на работа. Најавена е зголемена директна соработка меѓу граѓанските организации и инспекторатите во пријавувањето на случаи на прекршување на работничките и граѓанските права.
Вицепремиерката Царовска истакна дека Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и бизнисот, односно никој да не е губитник во оваа криза.
Царовска ги повика инспекторите на засилени контроли и одговорно постапување за сите преставки коишто стигнуваат до нив, а се однесуваат на кршење на владините мерки и препораки кои изминатиот период беа донесени со цел да се заштити населението од ширењето на корона вирусот.
– Координацијата меѓу инспекторатите, граѓанските организации и Владата ќе продолжи и во наредниот период, се со цел да се обезбедат две основни функции, заштита на правата на граѓаните и целосно почитување на донесените владини одлуки, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Царовска.