СВР Тетово ќе ги едуцира учениците за безбедност на интернет

Секторот за внатрешни работи Тетово почна со практична реaлизација на нов превентивно-едукативен проект насловен „ Не биди жртва на социјалните мрежи-сурфај безбедно“. Проектот го спроведува Отсекот за превенција, а целна група се учениците од основните училишта.

-Во рамките на проектот, што се планира да трае до крајот на идниот месец, предвидени се посебни предавања во училиштата, на кои на учениците ќе им биде објаснето како и со кого да комуницираат на социјалните мрежи, а тие да не бидат злоупотребени, но и ќе им се советува да бидат максимално претпазливи во комуникацијата. Покрај тоа, на учениците ќе им се укаже да не испраќаат нивни фотографии и видео материјали на непознати лица и особено не фотографии со експлицитна содржина. Учениците, исто така, ќе се предупредат и на можните ризици од нивно учество во видео-игри со елементи на насилство, самоповредување или други содржини на насилно и непримерно однесување, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Со овој проект ќе бидат опфатени над 3.500 деветтооделенци од сите основни училишта на тетовско-гостиварското подрачје, кои следат настава во над 200 паралелки. За неговото спроведување задолжени се 20 претходно обучени полициски службеници.