Османи и Димитров утре во посета на Париз

 Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров утре ќе престојуваат во работна посета на Француската Република. Централна тема на средбите што ќе ги имаат Османи и Димитров ќе бидат европските перспективи на Република С. Македонија во пресрет на одлучувањето во Советот на ЕУ.

Во рамки на посетата, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања, предвидени се средби со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон.

Планирано е Османи и Димитров да остварат средби и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.

Во фокусот на разговорите ќе бидат европските интеграции на Република С. Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес.

Посетата на Париз на Османи и Димитров се случува во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *