Утврдени неправилности во текстилната компанија „Стоби“ од Велес по пријава од ССМ

Низа неправилности во работењето, како отказ од работа без доставено решение, неисплатени плати и регрес за годишен одмор и прераспределба на работно место и промена на договорот за вработување од неопределено на определено време, се откриени кај текстилната компанија „Стоби“ во Велес.

Инспекцијата е направена по пријава од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму денеска соопштија дека од Државниот инспекторат за труд се известени оти во повеќе наврати е направен инспекциски надзор во компанијата при што се утврдени неправилности од страна на работодавачот, како што се откази на работници без достава на решенија за отказ и неисплатени плати и регрес за годишен одмор.

– Дополнително при инспекциските надзори утврдено е одјавување на 59 работници по основ на спогодба без да се склучи спогодба за престанок на работен однос и склучување на договор за вработување на определено време без писмен договор за вработување, а на 67 вработени им е даден нов променет договор за вработување при што покрај промената на работното место извршена е и промена на работниот однос од неопределено на определено време, велат од Синдикатот.

Трудовите инспектори утврдиле и дека одјавувањата на работниците по основ на спогодба без склучувње на спогодби, се ништовни, односно донесено е решение за нивно поништување и преземени се активности за прекршочна одговорност кон правното и одговорното лице во компанијата.

– Брзото и ефикасно постапување на ДИТ по пријавата на ССМ, покажува дека и во иднина се потребни вакви  заедничките активности со кои ќе се придонесе за остварување и заштита на работничките права, а ССМ како најважен заштитник на работничките права покрај за своите членови води сметка и за сите работници во државата, а синдикатот е единствениот субјект во државата, кој има механизам и кој може да се стави во улога на заштитник на правата на сите работници, се наведува во соопштението од ССМ.