Неисправна водата за пиење во две села во Виничко

Последните испитувања на исправноста на водата од јавните извори и водоводи во селата во општина Виница во два случаја покажале зголемена бактериолошка загаденост, поради што таа не смее да се користи за пиење и за други потреби во домаќинствата.

Тестираните примероци вода што ги направиле стручните екипи од Центарот за јавно здравје од Кочани потврдиле присуство на ентеропатогени бактерии ентерококи, псеудомонас аерогиноза и ешерихија коли во локалниот водовод во селото Крушево. Слични резултати се добиени и од локалниот водовод во селото Кршла, при што е констатиран зголемен број на молиморфни бактерии.

– Испитаниот примерок на вода од селото Крушево не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитуваните параметри за бактериолошка анализа со оглед што има и зголемен број бактерии на 22 степени Целзиусови. Исто така, не одговара и според физичко-хемиската анализа поради зголемената потрошувачка на калиум пергманганат, што е знак на органско загадување. Констатирано е дека нема хлорирање, односно има отсуство на резидуален хлор од 0,2 до 0,5 милиграми на литар. Водата во ова село не смее да се користи за пиење, туку само како технолошка, се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.

Во препораките што ги даваат од Центарот за јавно здравје до надлежните во локалната самоуправа на Виница, нагласено е дека за жителите на селото Крушево треба да се обезбеди цистерна со исправна вода за пиење, за лична хигиена и за подготвување храна, сè додека не се добие исправен резултат од новите анализи.

За жителите на селото Кршла, исто така се препорачува водата да ја користат како технолошка, а во исклучителни случаи пред употреба да ја превриваат.

Останатите испитани примероци од локалните водоводи во виничките села Калиманци, Трстија, Драгобраште, Трсино и Пеклани покажале задоволителни резултати и водата може да се користи за пиење.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *