Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева обвинета во случајот „Рекет“ е пуштена во домашен притвор по одлука на Апелацискиот суд, а јавната обвинителка Вилма Рускоска која го води случајот најави покренување на финансиска истрага против судиите кои донеле ваква одлука.
– Не знам кои се судиите. Чекам да го добијам решението, но ќе покренам финансиска истрага, изјави вчера Рускоска .
Јанева вчера попладне ја напушти „Шутка“ и со качулка на главата во полициска придружба беше пренесена во станот на нејзиниот син во близина на Клубот на пратеници во Скопје. Од таму, Јанева ќе го чека судењето закажано за 3 декември.
Мерката притвор која и беше определена на Јанева вчера попладне ја укина скопскиот Апелациски суд кој ја уважи нејзината жалба и и одреди мерка куќен притвор.
– Преиначено е првостепеното решение и одредена е мерка куќен притвор, заедно со мерки за претпазливост, изјавија од Апелацискиот суд за МИА. Лекарската документација, според судиите од Апелација, укажувала дека и со мерката куќен притвор може да се обезбеди присуството на Јанева.
Во случајот „Рекет“ покрај Јанева, обвинети се Борјан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец. Јанева беше уапсена на 21 август по што судот и одреди мерка притвор. Покрај Јанева, во домашен притвор претходно беше пуштен и Кичеец, а во притвор останува Борјан Јовановски за кого неговите адвокати вчера побараа да биде хоспитализиран поради здравствени проблеми.