Поповски: Медиумска писменост во образованието неопходна, ние сме последни во Европа според проценка на точноста на информациите

Сеопшта и сеопфатна акција да се преземе со цел да се изнајде најсоодветниот модел за земјава за вклучување на медиумската писменост во образованиот процес, побара денеска министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност  Роберт Поповски пред почетокот на јавна дискусија на тема „Вклучување на медиумската писменост во образованието“.

Низ оваа и други дебати потребно е да се разгледаат моделите, кои ќе бидат најприменливи кај нас. Има различни примери во различни европски земји – некаде медиумската писменост е посебен наставен предмет, во некои земји е вметнал во други наставни предмети.

Поповски истакна дека според информациите со кои располагаат до 2008 година нешто се работело на оваа тема во образовниот систем, но оттогаш работите се ставени на пауза.

-Граѓаните во Република Северна Македонија се недоволно информирани или недоволно прецизно можат да проценат што се точни и квалитетни информации, а што се лаги и невистини и шпекулации. Има сериозни истражувања, кои покажуваат една состојба, која воопшто не е пријатна, ние сме на последното место во Европа според проценката на точноста на информациите, што граѓаните ги добиваат, рече Поповски.

Нагласи дека од една страна Владата и институциите мораат да си ја завршат својата работа, од друга страна образовниот систем мора да го заврши својот дел онаму каде е негова надлежост и каде што фунционира независно, особено високообразовните институции. Во процесот, додаде Поповски, треба активно да биде вклучен и граѓанскиот сектор.

-Потребно е да ја вметнеме оваа проблематика во образовниот процес. Се соочуваме со наплив на лажни вести и дезинформации. Владата има акциски план, кој го реализира најдобро, ќе им помогнеме на граѓаните добро да бидат иформирани, како да препознаат неточни информации или како да го прочитаат на вистински начин она што се пласира. На Владата е клучниот момент да преземе иницијатива за да може сето ова што се дискутира да го преточи во закон, додаде Поповски.

На прашањето дали портпаролите на големите политички партии се медиумски писмени, Поповски рече дека доколку се навлегува кој е писмен, а кој не може да се загуби многу време, но додаде дека анализите покажуваат дека нивото на медиумска писменост во државата е поразително во сите сфери на општеството.

Нагласи дека креатори на лажни вести не се само медиумите, туку и политички партии, политички субјекти, јавни личности, бизнис секторот, центри на моќ.

-Сето тоа треба да го гледаме како еден глобален проблем, кој ги таргетира граѓаните, граѓаните се под пресија на сето ова што се случува. Лажните вести се оружје на масовно уништување во современиот свет и сето тоа ние мора да најдеме начин како да не се прошири за да не ни го разболи општеството, додаде Поповски и нагласи дека во целиот овој процес медиумите се важниот партнер, а клучната работа е квалитетно и професионално новинарство.

На дебатата која е дел од Глобалната недела на медиумска писменост, обраќања освен Поповски имаа и министерот за образование и наука Арбер Адеми и амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар.