СДСМ: Откочените процеси придобивка за Македонија и граѓаните, јавноста е целосно запознаена

За разлика од политиките на поделби, изолација и создавање проблеми што ги промовираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години, СДСМ, преку Владата што ја предводи, спроведува политики на соработка, пријателство и меѓусебно почитување коишто обезбедуваат унапредување на односите со соседите, зајакната регионална и меѓународна позиција на Република Македонија, се наведува во реакцијата на СДСМ на оценката на ВМРО-ДПМНЕ за средбата Заев-Ципрас во Давос.

Според СДСМ, откочените процеси, соопштени јавно по вчерашната средба на премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и Република Грција, Алексис Ципрас, носат придобивки за Република Македонија и сите нејзини граѓани.

– Преку јавни изјави, граѓаните, јавноста, беше точно и навремено информирана за овие придобивки за Република Македонија, како што е деблокадата на процесот на стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ (блокиран во 2009 година), можноста за отворање на нов граничен премин со Република Грција, како и идно членство на Република Македонија во Јадранско-јонската иницијатива. Со преминувањето во втората фаза на Спогодбата за асоцијација и стабилизација на Република Македонија со Европската унија се отвора и можноста за реализирање на клучните цели: приближување кон пристапните преговори, пристап до структурните и кохезивните фондови, оценуваат од СДСМ.

Воедно, се посочува во реакцијата, Македонија како членка на Јадранско-јонската иницијатива би добила можност да ја продлабочи билатералната соработка со другите членки, и дополнително, во уште еден регионален форум да ги афирмира своите позиции со што ќе ја подобри својата позиција во однос на приоритетите во меѓународната соработка и евро-атланската интеграција.

Дополнително, деблоката на овие процеси од страна на Република Грција за Република Македонија значи поголема поврзаност со ЕУ и значајна регионална соработка во областа на турзимот, енергетиката, сообраќајот и заштита на животната средина.

– Оттука, јасно е дека не станува збор за никакви еднострани чекори туку за потврдени заложби и добра волја од двете страни за унапредување на односите, создавање позитивна клима и взаемен придонес кон создавање на можности за надминување на предизвиците во интерес на граѓаните од двете земји.
Владата предводена од СДСМ продолжува посветено да работи на унапредувањето на односите со сите соседи, создавање можности за затворање на отворените прашања во согласност со националните и државните интереси на Република Македонија, за исполнување на стратешката цел: полноправно членство во Европската Унија и НАТО, сигурна и стабилна иднина на нашата татковина, стои во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.