Ковачевски во Богданци: Ветерниот парк ќе се проширува со поголеми и помоќни турбини

Ветерниот парк Богданци ќе се проширува со поголеми и помоќни турбини, со што ќе го зголемиме нашето производство на електрична енергија од обновливи извори,,-изјави денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски при посетата на овој производствен капацитет.

Директорот Ковачевски беше информиран од страна на стручниот тим кој е задолжен за ветерниот парк дека техничката состојба на ветерниците е одлична и дека одржувањето и производниот процес течат без никакви проблеми.

Ветерниот парк Богданци во моментот работи со 16 турбини, кои во втората фаза која сега се спроведува ќе биде проширен со уште 4 турбини, со поголема моќност од постоечките. Со тоа, ветерната електрана од сегашните 36,8 MW инсталирана моќност, ќе биде заокружена на проектирана моќност од 50 MW.

Ковачевски денеска се сретна и со градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов, на која средба се разгледуваа можностите за понатамошна соработка меѓу АД ЕСМ и општината, со оглед на тоа што ветерната електрана е лоцирана на територијата на оваа општина.