Прилеп се вклучува во Европската недела на мобилност

Со бесплатен градски превоз за граѓаните утре и со велосипедско дефиле в недела, Прилеп се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност Европската недела на мобилност. Манифестацијата годинава се одржува од 16 до 22 септември во 3.000 европски градови од педесетина земји.

Според Винета Иваноска од прилепската локална самоуправа, годинашна тема на одбележувањето е „Пешачи со нас“ за да се промовира безбедното пешачење и возењето велосипед.

-Целта на овој настан е да се подигне јавната свест за придобивките од пешачењето и од движењето, а воедно да ги поттикне локалните власти и институциите да преземат што повеќе мерки за подобрување на инфраструктурата која е потребна за овој начин на мобилност на граѓаните. Крајна цел е, преку воведувањето нови иновативни мерки, да се подобри здравјето на луѓето, да се намалат сообраќајниот метеж и загадувањето на животната средина, рече Иваноска.

Со одбележувањето, Прилеп почнува преку бесплатниот превоз за граѓаните во текот на целиот ден утре, четврток. Според в.д директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Марија Цветаноска.

Апелот е да се обезбеди почиста животна средина. – За да ги стимулираме граѓаните да го користат градскиот превоз и да обезбедиме почиста животна средина, утре обезбедуваме бесплатно возење со автобусите на сите три линии во градот. Апелираме до граѓаните за почесто користење на градскиот превоз за да го зачуваме чистиот воздух, истакна Цветаноска.

В недела ќе биде одбележан „Денот без автомобили“ со велосипедско дефиле и воспоставување пешачка зона во центарот на градот. Како што објаснува Цвете Стојаноска од прилепската локална самоуправа, во одбележувањето на Европската недела на мобилност се вклучуваат и членовите на клубовите „Биди зелен“ од Гимназијата „Мирче Ацев“ и СОУ „Ристе Ристески-Ричко“. Тие спроведоа анкета за велосипедската култура и инфраструктура, а воедно во сабота на неколку локации во градот ќе спроведат и еколошка акција.

-В недела на 22 септември ќе се одржи велосипедско дефиле, кое ќе започне во 17.30 часот од Камената бина на плоштадот „Александрија“. Ќе се возат два круга по предвидената траса во вкупна должина од 10 километри. В недела од 17 до 20 часот, булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде затворен за сообраќај од крстосницата со улицата „Прилепски бранители“ до „Тинекс“. Тој дел ќе биде пренаменет во детска зона во која ќе има бројни активности за најмладите, објаснува Станојоска.

Според анкетата на средношколците од средното училиште „Ристе Ристески Ричко“ и од гимназијата „Мирче Ацев“, многумина поседуваат велосипеди, но поретко ги користат. Затоа е потребен стимул, како што е Европската недела на мобилност.