Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров утре ќе престојуваат во работна посета на Француската Република.
За време на посетата, како што е најавено, ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, како и за процесот на интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО.
Османи и Димитров, како што информира Секретаријатот за европски прашања ќе имаат средби со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи Амели де Моншален, како и со Клеман Бон, советник за Европа во Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Посетата се реализира по неодамнешната објава на Извештајот на Европската Комисија и препораката за отпочнување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, а во пресрет на претстојниот состанок на Советот на ЕУ.