Координативно тело за надворешна контрола на полицијата

Посебно координативно тело ќе врши контрола врз работата на МВР и припадниците на затворската полиција, односно ќе биде коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од припадници на МВР или од припадници на затворската полиција.

Ова е предвидено со измените на Законот за Народен правобранител што поминаа на вчерашната владина седница.

– Ова е надворешен механизам, надворешна контрола во случај кога има прекршување на дискрециските права на припадниците на МВР и припадниците на затворската полиција. Законските измени практично значат воведување механизам за поголеми ингеренции и надлежности на Народниот правобранител, а ќе бидат хиерархиски независни од оние чие постапување е предмет на истрага, објасни Бошњаковски, одговорајќи на новинарски прашања.

Во координативното тело ќе се вклучат и надворешни експерти и граѓански организации.

– Идејата е да се креираат независни, ефикасни и навремени механизми за контрола на работата на полицијата што од една страна е барање согласно Европската конвенција за човекови права, а од друга е и согласно наодите на Европскиот комитет за превенција од тортура, истакна Бошњаковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *