Власта нуди помирување, опозицијата инсистира на амнестија за 27 април

Власта и натаму за залага за помирување меѓу пратениците и сите политички субјекти во земјата со цел обединување околу стратешките цели – членството во ЕУ и НАТО, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ инситисира за амнестија за сите инволвирани во настаните во Собранието од 27 април. Веќе е најавено формирање на собраниска комисија за помирување. Иницијативата за нејзино формирање дојде од осумтемина пратеници од опозицијата, кои минатиот петок дадоа поддршка за отпочнување на процесот за уставни измени.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најверојатно ќе ја води комисијата за помирување, но сега засега се чека на ставот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова беше еден од заклучоците на вчерашната средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Џафери, прва по гласањето за уставни измени во петокот.

Премиерот Зоран Заев повтори дека кога повикува на помирување во национално обединување во Парламентот, всушност нема намера да се меша во работата на правосудните органи. За него случувањата во опозицијата се внатрепартиски работи и рече дека верува во силна опозиција, во силно ВМРО-ДПМНЕ.

-Тоа е добро и за државата, тоа е добро и за СДСМ, затоа што само тогаш државата ќе има бенефит, нагласи премиерот, кој исто така додаде дека верува во полн четиригодишен мандат и не смета дека треба да има предвремени парламентарни избори.

Повика за државнички ориентираност и државна одговорност, а партиите да се стават на второ.

-Јас ќе продолжам да бидам внимателен во целиот овој процес, заради тоа што верувам дека можеме сите заедно да се сплотиме и да ја истуркаме оваа работа до крај на еден достоинствен начин, онака како што личи на земја, со доминантна определба за членство во НАТО и ЕУ, со доминантна определба да обезбеди иднина за сегашните и идните генерации, нагласи Заев.

Во Собранието се очекува и информација дали осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ ќе формираат пратеничка група односно какво ќе биде нивното натамошно дејствување во Парламентот. Според собраниски извори, осумтемината пратеници имаат средба по која ќе биде соопштено како ќе функционираат во Собранието. Засега до Кабинетот на претседателот на Собранието нема пристигнато известување за нова пратеничка група, јавува МИА.

ВМРО–ДПМНЕ, пак, останува на ставот за амнестија за сите инволвирани во случувањата од 27 април минатата година.
-Власта сега со најави за некакви комисии или форуми во Собранието за наводна правда, не прави ништо друго освен обид за замајување на јавноста и обид за селективна правда што во суштина е неправда, изјави потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што најави тој, нема да учествува во комисии кои треба да обезбедат селективна слобода само за оние кои учествуваа во гласањето за потреба за уставни измени произлезени од договорот со Грција.
Текстот на овој предлог закон ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесе на разгледување до сите парламентарни партии.
За Зијадин Села од Алијансата на Албанците треба да постои помирување, да се отвори дијалог меѓу Македонците и Албанците, но за него формирање комисии, ангажирање на цело Собрание заради некои кои се огрешиле е недозволиво.
Пратеникот Фадил Зендели од Беса изјави пратениците од оваа партија сакаат да придонесат за помирувањето.

– Сметаме дека интер-етнички во македонската, па и во албанската заедница, сите треба да најдеме помирување за да придонесеме и да имаме предуслови за нормално политичко и демократско функционирање, рече Зендели, кој нагласи дека е за помирување, но не и за амнестирање и оти сите што се огрешиле пред законот треба да одговараат.

Во врска со роковите и дали ќе се запази рокот до јануари околу уставните измени премиерот нагласи дека тоа е деловничко прашање.

– Драго ми е што во комисијата дискутиравме во три од десет дена, во парламентот беше пет дена, се кратат некои рокови. Но тоа не се големи кратења. Тоа зависи од пратениците и од развојот на дискусијата. Еве само ќе кажам два значајни периода што се трошат на оваа работа. Со официјалното доставување на нацрт амандманите тие во Парламентот ќе бидат 30 дена, иако веројатно ние можеме и за 10-15,20  дена да ги договориме. И за конечната верзија на амандманите, кога ќе дојдат имаме 60 дена, така што роковите се достижни, рече Заев.

А Зендели најави дека Беса ќе поднесе четири амандмани на Уставот – бидејќи се отвора преамбулата на Уставот се бара концепт на граѓанска држава, албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик, државата да се грижи за сите нејзини граѓани во дијаспората и претседателот на државата по второто гласање на закон или друг акт во Собранието да нема право на вето, како за Законот за јазици и Договорот од Преспа.

На прашањето дали пратениците од нивната партија ќе ја условуваат Владата со овие амандмани во следните фази од носење на уставните измени, Зендели вели дека тоа нема да се случи бидејќи условувањето не е филозофија на нивната партија.