Министерски состанок во Белград за зголемените царини на Косово

Заеднички став за одлуката со која Косово ги зголеми царините на овошјето и зеленчукот, се очекува од денешната средба во Белград чиј иницијатор и домаќин е српскиот министер за трговија Расим Љајиќ. На средбата, покрај македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, ќе учествуваат и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ, како и министерот за трговија и економски односи на БиХ Мирко Шаровиќ.

Косово ја воведе т.н. времена мерка на 18 јули годинава. Мерката предвидува 30 проценти повисоки царини за увезеното овошје и зеленчук, а ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат на косовскиот пазар.

Земјите од регионот го осудија ваквиот потег и побараа повлекување на одлуката, образложувајќи дека е спротивна на ЦЕФТА Договорот и дека се коси со правилата за слободна трговија. Преиспитување побара и Европската комисија.

Ресорните министри од македонска страна веднаш по воведувањето на косовската мерка рекоа дека очекуваат нејзино најскоро укинување. Ако тоа не се случи, најавија можни контра-мерки за заштита на домашното производств.

Вчера на прес-конференција министерот Николовски повторно изрази уверување дека одлуката ќе биде повлечена, откако соопшти дека е во тек седница на Владата на Косово на која одлуката треба да се преиспита.

Според Николовски, освен што е спротивна на ЦЕФТА Договорот, одлуката на Косово е паушално донесена, без аргументи за зголемен увоз, а е и правно и формално нејасна.

Во меѓувреме, се бројат штетите од речиси стопираниот извоз кој, според стопанствениците, е нула во споредба со извозот пред воведувањето на одлуката кога бил преку 100 тони дневно. Стопанските комори бараат повлекување на косовската мерка. Сметаат дека за само неколку дена, откако е воведена, предизвика најмалку три милиони евра загуба. Тие не се за воведување контра-мерки зашто тоа, ценат, ќе предизвика штети врз целата економија.

Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари – јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари. Увоз на земјоделски производи од Косово нема. Според Министерството за земјоделство, од одлуката на Косово најпогоден ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. Министерот Николовски рече дека ќе бидат разгледани сите опции за надомест на предизвиканите штети од косовската мерка, како и дека соодветно ќе се интервенира, зависно од тоа што ќе се утврди на терен.