Средби на Димитров со европратеници во Стразбур

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска престојува во работна посета на Европскиот парламент во Стразбур, каде остварил повеќе средби со лидери и претставници на пратеничките групи во ЕП.

Како што информира МНР, Димитров остварил средби со Ги Верхофштад – претседател на АЛДЕ, Рајнхард Бутикофер, претседател на Европската зелена партија, претседавачот со групата на Пријатели на Македонија – Ханс ван Бален, со претседавачот со Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) – Дејвид МекАлистер од Европската Народна Партија, со потпретседателот на Европскиот парламент – Андреј Ковачев, исто така од ЕПП, со Сергеј Станишев – претседател на Партијата на европските социјалисти и со неговиот сопартиец Кнут Флекенштајн, како и со Чарлс Танок од групата Европски конзервативци и реформатори.

На состанокот со европратениците, министерот Димитров разговарал за актуелните случувања по заклучоците на Европскиот совет минатата недела, во контекст на натамошните фази од ЕУ интегративниот процес на Република Македонија.

– Фактот што Бугарија и Грција така силно се заложија за европската иднина на Република Македонија, всушност значи дека во нашиот регион успеавме да го создадеме она за кое говореше Шуман: Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план, туку преку конкретни постигнувања, кои најпрво ќе креираат фактичка солидарност, порачал Димиртов, наведува  МНР во соопштението.

Димитров учествувал и на состанокот на политичката група АЛДЕ, а имал засебни средби и со Иво Вајгл, известувач за Република Македонија во Европскиот парламент, со Тања Фајон од Партијата на европските социјалисти, како и работен ручек со европратеникот Арно Данжан од Европската народна партија.

На крајот од посетата шефот на македонската дипломатија имал работна вечера со неколку европарламентарци, во организација на холандскиот европратеник Ханс ван Бален.